Собраниско раководство

Четврток, 11 мај 2017 година

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, учествуваше на конференција на тема: Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание

Почитувани преставници на невладиниот сектор,
Почитувани екселенции, 
Дами и господа,

На самиот почеток сакам да изразам големо задоволство што мојот прв настап е пред претставници на невладиниот сектор, а уште поголемо задоволство се темите за кои ќе дебатирате, а тоа е улогата и функционирањето на Собранието како највисок орган, кој воедно ги донесува и законите. Во тие рамки, ќе се дебатира за транспарентноста и одговорноста на Собранието, работата на комисиите и механизмите за учество на засегнатите страни.

Почитувани пријатели,

Еден од основните столбови на парламентарната демократија е функционирањето, односно работењето на Парламентот како највисока законодавна власт, која во исто време има и уште една исто толку значајна функција, а тоа е контролата врз извршната власт. Во овие дваесет и шест години на самостојност и на парламентарна демократија, ако сакаме да оцениме до каде сме стигнале со практикувањето на парламентарната демократија, можеме да направиме две констатации Едната констатација, изразена метафорички, е дека чашата до половина е празна, а другата дека чашата е до половина полна, а јас би рекол и преполна. Но, во секој случај, во нашиот пример, демократијата, односно парламентаризмот е далеку од оние принципи и стандарди кои денес се нешто нормално во Европа и кои реално гледано ги уживаат граѓаните на Европа.

Едeн од основните проблеми кога зборуваме за нашиот парламентаризам и воопшто функционирањето на Собранието, е односот помеѓу парламентарното мнозинство и опозицијата. Во изминатиов период мнозинството во Парламентот секогаш на опозицијата гледало како на политички противник кој треба да се победи, а на моменти и политички да се елиминира. За жал, притоа се заборава дека токму опозицијата е таа која дава целосен легитимитет на секој парламент и без неа не може да зборуваме за вистински парламентаризам и парламентарна демократија. Притоа, не мислам дека на опозицијата треба да се гледа само како на некаков декор кој дава легитимитет на Парламентот, туку пред сè на нејзината активна улога во сите процеси кои се одвиваат во Собранието. И токму тука ја гледам најголемата слабост во досегашното практикување на парламентарната демократија кај нас.  

Од друга страна, опозицијата треба да биде свесна дека парламентарното мнозинство треба да ја спроведе и реализира својата програма, бидејќи врз основа на таа програма, народот ја дал довербата да ја води државата. Можеби ова на прв поглед изгледа како непомирлив антагонизам, но не е така. Ако ги погледаме и ако ги следиме позитивните парламентарни практики во другите европски држави, ќе видиме дека ние според Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и Законот за Собрание, нормативно добро сме ги уредиле работите, но ни недостасува политичка волја, па ако сакате и политичка култура, тоа да го спроведеме. Затоа еве на моето прво обраќање во јавноста, сакам, како претседател на Собранието, да ветам дека тргнувајќи од моите уставни и деловнички надлежности, ќе работам токму на овие прашања и предизвици за кои зборував. Колку во тоа ќе успееме, верувајте зависи од сите 120 пратеници кои седат во Собранието, но сепак во прв ред одговорноста е на парламентарното мнозинство.

Дами и господа,

Сите сме свесни и сите го чувствуваме фактот дека последните две години живееме во една најблаго речено сериозна општествена и политичка криза која секојдневно се чувствува во сите сфери од животот и го погодува секој граѓанин. Во голема мера таа криза е и резултат на недоволно изразената надзорна функција на Парламентот врз извршната власт. Се надевам дека со мојот избор за претседател на Собранието, а со тоа и заокружување на конституирањето на Парламентот, а наскоро и со избор на новата влада, ќе создадеме услови за почетокот на процесот со кој како држава, но и како општество, ќе се вратиме на правиот колосек кој води во создавање на функционална држава, со самостојни и функционални институции кои ќе работат пред сѐ во добробит на секој граѓанин. 

Нема да ги споменувам неодамнешните насилнички и крвави настани кои се случија во Собранието, а уште помалку би сакал некого да обвинувам или да судам за сето тоа. Секако, и како претседател на Собранието, пратеник, а најмногу како граѓанин, не можам да прифатам или поддржам какво било насилство. Но, во исто време,  треба еднаш да научиме дека имаме институции кои се должни да не дозволат такви настани веќе да се случуваат. Имаме и институции кои ако се случи такво насилство, треба да го истражат, а оние кои се огрешиле пред законот, да бидат изнесени пред судовите кои се единствено меродавни врз законите, кој било од нас да го прогласат за виновен или да го ослободат од вина.  

Драги пријатели,

Враќањето во една нормална општествена состојба која подразбира почитување на принципите на парламентарната демократија, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, како индивидуални, така и колективни, па сè до слободата на говорот, нема да се случи преку ноќ. Тоа е процес кој ќе трае еден подолг период. Она што во моментов барем јас го чувствувам како многу позитивно, е фактот дека парламентарното мнозинство и коалицијата транспарентно покажува дека тоа е наша заедничка обврска која ќе нè доведе до саканата цел, а тоа се евроатлантските интеграции. А, да се стигне дотаму, треба не само декларативно или не само на хартија да се прифатат тие европски стандарди, туку многу поважна е нивната имплементација.

Тука ја гледам улогата на вас како невладин сектор кој треба да биде еден вид „дог воч“ на сето она што се случува во општеството и користејќи ги сите демократски методи, па ако сакате и мирни протести, да на своевиден начин ја мобилизирате јавноста и граѓаните и на тој начин да ги присилите политичките субјекти и политичарите да се вратат на правиот пат за кој добиле мандат. Со ова би го завршил моето излагање, а за крај, сакам искрено да ветам дека јас како претседател и Собранието како институција секогаш ќе биде отворено за вашите иницијативи, предлози и сè друго што ќе биде во функција на јакнењето на парламентарната демократија и парламентаризмот во Република Македонија.

Ви благодарам за вниманието.

Click