15. ЕСЕНСКА СЕСИЈА НА ПС НА ОБСЕ, СКОПЈЕ, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Петок, 30 септември 2016 година 

Обраќање на г-ѓа Рената Дескоска, потпретседател на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата во ПС на ОБСЕ на отворањето на Есенската сесија на ПС ОБСЕ 

Г-ѓа претседател на ПС на ОБСЕ,
Почитувани колеги пратеници,
Членови на дипломатскиот кор,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест да ви посакам добредојде во Република Македонија, по повод Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ во 2016 година. Ова е прв настан на ПС на ОБСЕ што го организира Собранието на Република Македонија, но исто така и најголемиот меѓународен парламентарен настан досега организиран во нашата земја. Истоврено, би сакала да го изразам моето задоволство што оваа сесија се совпаѓа со одбележувањето на три значајни јубилеи: 25 годинишнината на Парламентарното собрание на ОБСЕ, 15 години од првата Есенска сесија на ова Собрание, но, исто така, 25 години од независноста на Република Македонија.

Дами и господа,

Во текот на 25те години од своето постоење, Парламентарното собрание на ОБСЕ ги докажа своето клучно значење и суштинска улога во обезбедувањето на форум за дијалог меѓу парламентарците од Европа, Азија и Северна Америка, спроведувањето на  мисиите за набљудување на избори и зајакнувањето на меѓународната парламентарна соработка за политичките, безбедносните, економските прашања и прашањата сврзани со животната средина и човековите права. 

За жал, по 25 години од основањето, Парламентарното Собрание на ОБСЕ се соочува со сериозни предизвици за имплементирање на своите вредности, како што се мирот, безбедноста, човековите права, демократијата, владеењето на правото, економскиот развој.

На почетокот на 21-от век, безбедносните предизвици, заканата од тероризам, но и економската криза разоткрија недемократски тенденции во некои земји кои се сметаа за демократски.Мигрантската криза не соочи со стравот. А стравот е основен покренувач на недемократски идеи, на радикални и екстремни политички движења, кои можат да ги загрозат основните вредности на ОБСЕ.Многу европски земји на бегалската криза одговорија така што за сметка на националните интереси, како да заборавија на европската солидарност. Но, ОБСЕ одигра и треба да продолжи да има силна улога во реафирмирањето на заедничките вредности, како што се човековите права и владеењето на правото.

Затоа, во оваа прилика, сакам да нагласам дека, грижата за регионалната безбедност не смее да биде на штета на грижата за квалитетот на демократијата и почитувањето на човековите права во земјите членки на ОБСЕ. Човековите права се суштински дел од она што е ОБСЕ денес, она што се нарекува “човекова димензија”. 

За жал, денес човековите права, особено слободата на изразување, слободните медиуми, но и слободните избори се загрозени во одредени земји во рамките на ОБСЕ.Во времето во кое триумфираше идејата за демократијата, кога идејата за демократија е неспорна на меѓународен план, се изродија режими кои имаат повеќе авторитарни обележја, а се прикажуваат како демократски.Мораме да си признаеме дека демократските институции во дел од земјите членки на ОБСЕ се ослабени. Оптимистичка оценка е да се каже дека демократијата е во стагнација. Пореална е оценката дека станува збор за назадување на демократијата.Со кршењето на принципите на слободни и фер избори и со загрозувањето на основните човекови права, подриени се темелите на демократијата и владеењето на правото. Клиентелизмот и корупцијата, и неодговорните демократски институции водат до големо незадоволство на граѓаните. 

Почитувани колеги,

Парламентарното Собрание на ОБСЕ треба отворено и храбро да разговара за проблемите со кои се соочуваме во денешницата. За Република Македонија, која во изминатиов период се соочува со сериозна политичка, правна и институционална криза, одржувањето на оваа Есенска сесија на Парламентарното Собрание на ОБСЕ е од особено значење, за да се вратиме на вистинскиот пат, патот на почитувањето на човековите права, патот на одржување слободни и фер избори и возобновување на демократските принципи на владеење.Тука посебно сакам да ја нагласам улогата на Парламентарното Собрание на ОБСЕ и ОДИХР во поддршка за одржување на слободни избори и очекуваме тие да имаат активна улога на претстојните предвремени парламентарни избори во Република Македонија кои треба да се оддржат на 11 декември оваа година.Се надевам дека темата на оваа Парламентарна конференција на ОБСЕ ќе обезбеди доволна рамка за плодна дискусија за овие предизвици.

На крајот, во име на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, би сакала да ви се заблагодарам што ја прифативте нашата поканата и сте дел од овој значаен настан за Република Македонија.

Ви благодарам!