Собраниско раководство



Петок, 06.03.2009, Софија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска во Софија разговараше со претседателот на Република Бугарија, г. Георги Прванов

На средбата учествуваа и членовите на нашата делегација, пратениците Цветко Грозданов, Роза Топузова Каревска и Соња Мираковска. Претседателот на Република Бугарија истакна дека добрососедските односи со Република Македонија на сите полиња се еден од основните принципи на бугарската надворешна политика, бидејќи тоа е во интерес како на двете држави, така и на регионот во целост. Наша заложба е Република Македонија да биде интегрирана во евроантлантските структури со што ќе се обезбеди стабилност на целиот регион. Мој личен став и убедување е дека спорот со името не смее да биде пречка за ова - истакна бугарскиот претседател, г. Георги Прванов.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски давајќи свое видување за посетата и разговорите што ги имаше со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г. Георги Пирински, истакна дека посетата уште еднаш ги потврди добрососедските односи и европските определби на двете држави, а со тоа и заедничката одговоронсот за иднината на Европа. Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски истакна дека на крајот на месецот кај нас ќе се одржат претседателски и локални избори и дека досегашниот тек на изборниот процес дава цврсто уверување дека тие ќе поминат во фер и демократска атмосфера. Затоа очекуваме многу брзо да добиеме визна либерализација за граѓаните на Република Македонија, а до крајот на оваа година очекуваме позитивен извештај на Европската комисија за Република Македонија и со тоа добивање на датум за почеток на преговорите. На средбата стана збор и за актуелната состојба во регионот и за економската криза. Претседателот Трајко Вељаноски истакна дека е потребна поголема регионална соработка на поле на економијата, како пример за ова го наведе Коридор 8 кој претставува инфраструктурно поврзување меѓу Република Македонија, Република Бугарија и Република Албанија. Договорено е истакна, претседателот Вељаноски претседателите на трите парламенти да потпишат посебно писмо кое ќе го испратат до надлежните европски институции за добивање на финансиски средства од фондовите на Европската унија за реализирање на Коридор 8. Бугарскиот претседател Прванов оваа активност на претседателите на парламенти ја поздрави и истакна дека тој поаѓајќи од своите уставни надлежности, но и од своите меѓународни контакти ќе ја поддржи во целост.

Click