Собраниско раководство



Четврток, 14 мај 2009

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски денеска оствари средба со претседателот  на Парламентот на Кралството на Норвешка и кандидат за иден Генерален секретар на Советот на Европа, г.Торбјорн Јагланд

На средбата која е неофицијална претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски уште еднаш ги истакна пријателските односи меѓу двете држави како и принципиелната поддршка која Норвешка ја дава во остварувањето на нашата определба за членство во НАТО.Ја користам оваа средба како можност за продлабочување на парламентарната соработка и тоа на сите нивоа и преку различни форми. Поаѓајќи од фактот дека сте еден од кандидатите за иден генерален секретар на Советот на Европа, би сакал да истакнам дека Република Македонија во целост ги прифаќа и спроведува основните принципи на оваа најстара европска асоцијација, а тоа се демократијата, човековите права и владеењето на правото. Принципи и стандарди кои се динамични и кои треба постојано да се надоградуваат. Затоа како држава, но и како парламент високо ја цениме улогата на Советот на Европа и верувам дека како мала држава даваме голем придонес во остварувањето на тие принципи, истакна претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски.

Претседателот на норвешкиот парламент и кандидат за генерален секретар на Советот на Европа, г.Торбјорн Јагланд, забагодарувајќи се за средбата, во целост ја поддржа иницијативата за натомошно развивање на соработката меѓу двата парламента.

Норвешка како членка на НАТО и на Самитот во Букурешт, а и денес активно ја поддржува Македонија за нејзино полноправно членство, бидејќи вие ги исполнивте сите услови, а и активно учествувате во повеќе мировни мисии. Така во Авганистан ваша медицинска воена мисија делува заедно со наша и тоа ние многу го цениме. Што се однесува до кандидатурата за генерален секретар на Советот на Европа сакам да ве информирам дека мојот приоритет ќе биде јакнењето на улогата на оваа најстара, но и најголема европска асоцијација. Посебно внимание ќе посветам на јакнењето на институциите како што е Европскиот суд за човекови права, а секако на Парламентарното собрание, истакна г.Торбјон Јагланд претседател на норвешкиот парламент и кандидат за иден генерален секретар на Советот на Европа.

Click