Собраниско раководство



Петок, 20 ноември 2009 година

ОбраЌање на Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски, по повод потпишувањето на договор за соработка и партнерство со претставникот на УНИЦЕФ во Република Македонија, г.Шелдон Јет

Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Ваши екселенции, дами и господа, драги пријатели

На денешен ден пред 20 години, од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена е Конвенцијата за правата на детето, меѓународен документ кој денеска е составен дел од националното законодавство на многу држави во светот. Сакам да потсетам дека Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на 2 декември 1993 година.

Почитувани,
Сите знаеме да кажеме дека децата се наше најголемо богаство, но се прашувам колку сме направиле на полето за правата на децата. А децата, во својата отвореност, се најранлива општествена категорија, и токму затоа, нивните права најлесно се кршат, и тоа на најгруб начин и форма. Сите сме згрозени од злоставувањето деца, робовското искористување на децата како работна сила или деца војници. Ги спомнувам само оние најдрастични примери, иако кршењета на правата на децата имаат и други, би рекол, и на прв поглед пософистицирани форми, кои можеби затоа и потешко се откриваат. Како и да е, станува збор за глобален проблем, а како и секој глобален проблем, тој треба да се решава почнувајќи од својот двор.

Ако го погледнеме македонското законодавство, кое на директен или индиректен начин ги штити правата на децата, можеме да истакнеме дека духот и начелата од Конвенцијата се преточени во домашното законодавство. Од друга страна, и кај нас имаме примери на кршење на правата на децата, а за жал се случуваат и оние најгруби појави како што е злоставувањето. Секако, институциите, овде мислам како на извршната власт, така и на судската, ги преземаат оние потребни мерки за откривање и санкционирање, но сите знаеме дека многу поефикасна е превенцијата отколку санкциите.

Собранието на Република Македонија, покрај донесувањето на закони и други акти, има задача и да врши надзор на имплементацијата и остварувањето на законите, што е принцип на парламентарната демократија.

Токму затоа, денеска со Канцеларијата на УНИЦЕФ потпишуваме Договор за соработка и партнерство, со цел да се промовира заштитата на правата на децата во нашата земја. 

Преку оваа соработка, Собранието на Република Македонија ја јакне својата улога во остварувањето на правата на децата. Притоа посебен акцент ќе се стави на анализи на релевантните предлози и постоечки закони, потоа надзорот на имплементацијата на политиките и стратегиите кои се носат, па сè до одобрувањето на буџетот, односно средствата потребни за заштита на правата на децата.
Главните активности кои произлегуваат од овој договор, вклучуваат основање на парламентарен управен одбор за правата на децата, чија примарна одговорност ќе биде да ја надгледува имплементацијата на Договорот за соработка и да учествува во иницијативи за промоција кои ќе ги поддржат целите наведени во договорот. 

Исто така, ќе се основа работна група за правата на децата во рамките на Комисијата за труд и социјална политика, која покрај тоа што ќе изврши истражување за можноста да се трансформира ова тело во постојана комисија за правата на децата, ќе има и задача да се погрижи дека интересите на децата се земаат в предвид во законите, буџетските распределби и другите области од парламентарната дебата, со што се обезбедува согласност со Конвенцијата на ОН за правата на децата.

Договорот предвидува и други активности. Од размена на искуства со парламентите на земјите во Европа, потоа јавни расправи, тркалезни маси и конференции посветени на актуелни прашања поврзани со правата на децата, и така натаму.

Во секој случај, со денешниот договор, како Парламент правиме квалитетен чекор во заштитата на правата на децата.

Затоа ја користам оваа можност да се заблагодарам на Канцеларијата на УНИЦЕФ и нејзиниот преставник, господинот Шелдон Јет, а на сите нас да посакам доследно остварување на прифатените задачи.

Click