Активности



Четврток, 14 јануари 2010 година

Дваесет и трета седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија на Дваесет и третата седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муниција - I читање.

На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г.Џеват Бучи, заменик на министерот за внатрешни работи.

Тој ја образложи потребата од донесување на нов Закон за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муниција. Актуелниот закон кој ја регулира оваа материја е донесен во 1973 година и содржи елементи од претходниот општествен систем, кои се надминати и не кореспондираат со тековните општествено-политички околности.

Заменик-министерот за внатрешни работи информираше дека со овој Предлог на закон е извршено усогласување со Конвенцијата на Обединетите нации за борба против транснационалниот криминал.

Пратеникот Горан Минчев, од името на целата негова пратеничка група, го поддржа носењето на овој Предлог-закон и даде неколку забелешки. Тој истакна дека Предлог-законот е коректен и потребен, а забелешките се од технички карактер.

Забелешките се однесуваат на членовите 6, 8 и на одредбите со кои се уредува висината на глобите.

На крајот, Комисијата за одбрана и безбедностедногласно оцени дека Предлогот на закон за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муниција во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање во Собранието.

Click