Активности



Понеделник, 18 јануари 2010 година

Триесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Триесет и третата седница, одржана на 14 јануари 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва (прво читање) и Предлогот на закон за изменување на Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, по скратена постапка.

Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот  за трговски друштва, даде претставникот на предлагачот, министерот за економија, д-р Фатмир Бесими.

Тој истакна дека основната цел на изменување и дополнување на овој Предлог-закон е усогласување на правото на трговските друштва со ЕУ, преку целосно усогласување на директивата за остварување на правата на акционерските друштва чиишто акции котираат на берзата на хартии од вредност.

Воедно, министерот за економија истакна дека Република Македонија и понатаму е  еден од лидерите во регионот во однос на степенот на усогласување со правото на трговските друштва со ЕУ. Во насока на заокружување на овој процес преостануваат уште неколку клучни акти на ЕУ кои што Република Македонија треба да ги донесе во текот на оваа година и коишто ќе започнат со примена со полноправното членство во ЕУ. Тоа се директивата за прекуграничното спојување на компаниите, регулативата за европските економски интересни групи и регулативата за статус во европското друштво.

Целите на овој Предлог-закон се зголемување на транспарентноста во работењето на акционерските друштва кои котираат на берзата, отстранување на пречките спрема акционерите во реализација на нивните права на собрание и зголемена контрола над управувачките структури од страна на акционерите и подобро корпоративно управување.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека  Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Предлогот на закон за изменување на Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, министерот за економија истакна дека станува збор за една измена на Законот и тоа во делот којшто се однесува за гаранцијата за учество во постапката и се предлага нејзиното најниско ниво наместо досегашните 3% да изнесува 0,5%, со тоа што самите институции кои што ги водат овие постапки во согласност со Законот за концесии и јавно приватно партнерство, на транспарентен начин, самите ќе одлучат за процентот на гаранцијата, којашто треба да се обезбеди. Во случајот се поместува само најниското ниво кое ќе изнесува 0,5%.

На крајот на своето излагање, г. Бесими укажа дека целта на предложениот Закон е потребата од отстранување на бариерите за учество на поголем број на заинтересирани понудувачи во постапката за концесија и јавно приватно партнерство и зголемување на конкуренцијата.

Во расправата на Комисијата учествуваа претседателот на Комисијата, г. Љубисав Иванов Ѕинго, членовите на Комисијата, г. Марјанчо Николов и г. Аднан Јашари, како и министерот за економија, д-р Фатмир Бесими.

Комисијата за економски прашања, врз основа на расправата, со мнозинство гласови заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, по скратена постапка, треба да се проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click