Активности



Четврток, 21 јануари 2009 година

Триесет и четврта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Триесет и четвртата седница, одржана на 20 јануари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност, прво читање.

Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност даде претставникот на предлагачот, пратеникот Лилјана Поповска, која истакна дека измените што се предлагаат во овој Закон се однесуваат во неколку области.

Една од тие области е Централниот регистер на Република Македонија, каде што се предлага додавање на нова точка со која јасно ќе се дефинира дека во Централниот регистер треба да имаат регистрирано претежна дејност туристички агенции, организатори на патувања, тур-оператори и останати резервациски услуги, како и дејностите поврзани со истите. Целта е да не се случи, таканаречените случајни луѓе, да бидат важни актери во туризмот, бидејќи на истите туризмот не им е основна дејност, ниту пак се доволно обучени и сериозно посветени да се занимаваат со него.

Исто така се предлага да се прецизира добивање на лиценца на туристичките агенции со лиценца „В", со цел на овие агенции да им се овозможи да продаваат аранжмани, како за во земјата, така и за во странство, а за заштита на потрошувачите предвидена е банкарска гаранција во износ од 25.000 евра во денарска противредност и на тој начин да се подигне безбедноста при набавката на аранжмани преку субагентите.

Третата  група на измени што ги третира овој Предлог-закон се однесува за добивање на сертификат за раководител на туристичка агенција.

Четвртата група на измени што се предлагаат е измена во постојниот Закон конкретно за лицата кои што се стекнале со диплома, односно сертификат за туристички водич. Имено, со полагањето и стекнувањето на дозвола за туристички водич, истото лице го има поминато прагот за да може да биде и туристички придружник.

Во петтата група на измени и дополнувања се предлага воведување на цела нова глава во постојниот Закон, „Водич во планина", што претставува една нова категорија на лица во туризмот, којашто треба и официјално да биде сертифицирана. Според предлагачот на Законот, Република Македонија има огромни шанси и можности за развој на планинскиот туризам и во моментот се јавува една состојба каде што кај нас нема официјални водичи по планина. Тоа го прават необучени лица или планинари кои официјално не се заведени во нашата законска регулатива.  

Во расправата учествуваа министерот за економија, д-р Фатмир Бесими и г-ѓа Татјана Перовиќ-Митрова од Стопанската комора за туризам на Република Маедонија.

По завршувањето на расправата, врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата со мнозинство гласови оцени дека Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Click