Активности



Среда, 13 јануари 2010 година

Триесет и осма седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 11 јануари 2010 година, ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба(прво читање ) и Предлог-законот за ветеринарно медицински препарати (прво читање).

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба, во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Горан Михајловски, заменик на министерот за транспорт и врски, кој ја образложи потребата од донесување на Законот од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.

На комисијата беше истакнато дека се работи за исклучително важен закон, кој претставува апроксимација на законодавството на Европската унија во рамките на правниот поредок на Република Македонија и кој придонесува во создавањето на побезбедни услови за одвивање на внатрешната пловидба во нашата држава.

Решенијата се во согласност со политиките и стандардите на правото на Европската унија, а со овие измени и дополнувања се врши и додефинирање на терминологијата од оваа област, како и усогласување на истата со онаа која се применува и е прифатена во државите членки на Европската унија, укажувајќи на одредена потреба од корекции во преводот на овие термини.

Исто така беше потенцирано дека построгите услови кои треба да ги исполнат пловните објекти и членовите на екипажот на пловниот објект за да можат да вршат пловидба, се во функција на поголема заштита при вршењето пловидба, како и заштита од загадување на водите и бреговите на природните и вештачките езера во Република Македонија.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 1 „против“ заклучи дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Потребата од донесување на Предлог-законот за ветеринарно медицински препарати ја образложи претставник на Владата на Република Македонија г. Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.

Комисијата како заинтересирано работно тело го разгледа и едногласно заклучи дека Предлог-законот за ветеринарно медицински препарати е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click