Активности



Понеделник, 29 ноември 2010 година

Осумдесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Осумдесет и втората седница одржана на 27 ноември 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2011 година (по скратена постапка).

Во претресот учествуваше пратеникот Јован Манасијевски.

Се изнесе забелешка на решението од членот 7 со кое се предвидува обврска за буџетските корисници од централната власт да реализираат најмалку 20% од планираните капитални расходи во првите шест месеци по донесувањето на Буџетот.  

Минатата година Владата го намали овој процент на реализација од 30% на 20%. Беше укажано дека ова е погрешен пристап, затоа што на овој начин наместо да се стимулираат институциите што поголем дел од капиталните инвестиции да ги реализираат, со намалување на критериумот се испраќа порака дека не треба да бидат поревносни во трошењето на овие средства. Ако намерата на Владата е повеќе и поквалитетно да се користат капиталните расходи, ова решение е погрешно.     

Членот 18 го регулира механизмот на дозвола за нови вработувања во јавниот сектор. Во ставот 2 на овој член е предвидено решение според кое јавните претпријатија, агенциите и јавно-правните субјекти основани од централната власт и трговските друштва основани од Република Македонија, можат да вработуваат работници само ако немаат прикажано загуба од нивното финансиско работење во Годишната сметка за претходната година. 

Беше укажано дека во минатата година голем број на јавни претпријатија и покрај тоа што прикажаа загуба во Годишната сметка, имаат вработено нови лица, со што е прекршена законската одредба. Бидејќи одредбата е јасна, истата треба да се спроведува децидно.

Со одредбата од членот 20 е предвидено средствата од разделот 04001, ставка Трансфери до невладини организации, наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата на граѓани и фондации да се користат врз основа на одлука на Владата. 

Во врска со ова решение, беше укажано дека одлуката е комплетно нетранспарентна. Мора да се најде механизам овој систем на одлучување (кои невладини организации и колку средства ќе добијат) да се премести од владиното влијание, бидејќи не е смислата на постоење на невладините организации да работат на остварување на агендата на Владата. Овој систем на одлучување треба да се измени. Како идеjа беше наведено дека добро би било во Собранието на Република Македонија да се формира тело на паритетна основа кое ќе одлучува за користење на овие средства. Целта на трошењето на овие средства е да се создаде здрав невладин сектор.

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог и  Комисијата со четири гласа „за“ и три гласа „против“ заклучи да му предложи на Собранието да го разгледа и да го донесе Законот за  извршување на Буџетот на Република Македонија за 2011 година.

Click