Активности



Вторник, 30 ноември 2010 година

Осумдесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Осумдесет и петта седница, како матично работно тело ги разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за денационализација (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања (во прво читање).   

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека со Законот за денационализација се овозможи да се вратат одземените имоти на сопствениците и да се даде надомест ако тие имоти не постојат или ако не можат да се вратат поради правни промени. За подмирување на обврските по овој основ, започнувајќи од 2002 година, реализирани се десет емисии на обврзници за денационализација. Овие обврзници се користат за точно утврдени намени. Покрај другото, истите се користат и за плаќање на надоместок за концесија на државен имот, како и за купување на државен имот или плаќање на закуп на државен имот.

Согласно законската регулатива, средствата кои се плаќаат по основ на концесиски надоместок и за купување или плаќање на закуп на државен имот пред 2007 година во целост беа приход на Буџетот на Република Македонија. Меѓутоа, со измените на Законот за минерални суровини и Законот за градежното земјиште, 78% од концесискиот надоместок односно 80% од надоместокот за оттуѓување и давање под закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, станува приход на општините.

Со предложените измени плаќањето на концесискиот надоместок и купувањето или плаќањето на закуп на државен имот со обврзници за денационализација ќе се однесува само за делот од надоместокот што е приход на Буџетот на Република Македонија. На ваков начин ќе се овозможи да се зголеми приливот на парични средства во буџетите на општините по основ на концесиски надоместок и купување или плаќање на закуп на државен имот, бидејќи овие надоместоци претставуваат значаен извор на средства за финансирање на општините.         

Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, г. Рамизи истакна дека се уредува воведувањето и користење на фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања. 

Министерот за финансии ги пропишува функционалните и технички карактеристики кои треба да ги имаат  фискалните апарати, интегрираниот автоматски систем на управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за користење, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правила за  техничко одржување и сервисирање на истите.

Со измените и дополнувањата на овој закон се предвидува министерот за финансии да овласти независни акридитирани правни лица да ја вршат контролата и проверката на функционалните и технички карактеристики на фискалниот систем на опрема. Изборот на овластените правни лица министерот ќе го изврши по претходно објавен јавен повик. Министерот за финансии ќе ја пропише и постапката за избор и поблиските услови за  овластување на правното лице кои се однесуваат на опремата, кадарот, локациските и просторни услови.

Врз основа на извршена анализа, по однос на регулираната казнена политика во законот, се предлага и измена и дополнување во насока на кaтегоризацијата на прекршоците и  раздвојување на  висината на исносот на глобите кај истите по одредби.

Предложени се измени и во делот на мерката забрана за вршење на дејност. Имено, роковите кои се однесуваа на мерката забрана вршење професија, дејност или должност  се скратени по однос на постојните и за прекршоците за правното лице - даночен обврзник изнесува 15 дена, а за прекршоците за одговорното лице кај правното лице и даночниот обврзник - физичко лице, изнесуваат  8 дена.

Во претресот по двете точки, учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов и г. Јован Манасијевски.

На крајот од расправата, Комисијата со четири гласа „за“ и три „против“ по Предлогот на законот за изменување на Законот за денационализација и со четири гласа „за“ и три „против“ по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, заклучи дека се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.

Click