Активности



Среда, 15 декември 2010 година

Осумдесет и седма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Осумдесет и седма седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (по скратена постапка).    

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. Тој истакна дека потребата од одредени измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување произлегува од практиката која наметна потреба од доуредување на одредени сегменти во системот на интегрирана наплата на придонесите од задолжително социјално осигурување, поради потребата од промена на динамиката на намалување на стапките за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување, како и поради попрецизно дефинирање на прекршочните одредби. Со предложените измени и дополнувања на Законот се врши намалување на вкупната стапка на придонесите од задолжително социјално осигурување постепено до 2013 година.

Истото, значи дополнително намалување на трошокот на работодавците, со едновремено обезбедување на стабилен приход на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Фондот на здравственото осигурување на Македонија и Агенцијата за вработување на Република Македонија и навремено сервисирање на правата по основ на задолжително социјално осигурување. Среднорочно, се очекува понатамошно зголемување на стапката на вработеност и намалување на стапката на невработеност во Република Македонија.

Во претресот учествуваа пратениците г. Јован Манасијевски, г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов и г. Горан Мисовски.

Со оглед на тоа што во предвидениот рок не беа поднесени амандмани, Комисијата со пет гласа „за“ и три гласа „против“ заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог и му предлага на Собранието да го разгледа и донесе Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Click