Активности



Четврток, 9 декември 2010 година, Истанбул

Потврдена непоколебливоста на македонскaта визија за европска перспектива

Делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот на комисијата, г-ѓа Теута Арифи, во чиј состав се членовите на комисијата г-ѓа Флора Кадриу, г. Васко Шутаров и г. Назиф Буши, која престојува во дводневна официјална посета на Република Турција, оствари разговори со својот домаќин, претседателот на Комисијата за надворешна политика на Турското собрание, г. Мурат Мерџан и членовите на комисијата. Средби беа остварени и со претседателите и членовите на Комисијата за европски прашања, г. Јашар Јакиш и со Групата за пријателство, г. Седат Кизилџикли. Делегацијата беше примена и од потпретседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Садик Јакут, и оствари средба со министерот за надворешни работиг. Ахмет Давитоглу .

На средбите на парламентарно ниво, беше изразено задоволството од нивото на досегашната соработка и традиционалното пријателство изразено на сите средби без исклучок, потврдено и со меѓусебната поддршка на мултилатерален план. Беше изразено и уверување дека и во иднина парламентарната дипломатија ќе бележи нагорен тренд во одржувањето на конструктивните односи и соработка како на билатерален, така и на мултилатерален план, имајќи ја притоа и предвид нагласената улога на националните парламенти во, особено за нас значајните организации, НАТО и ЕУ. Во тој контекст, соговорниците ја нагласија улогата и значењето на парламентите во зајакнувањето и проширувањето на формите за соработка, не само во рамките на парламентарната димензија, туку и во севкупните билатерални односи меѓу двете држави, во кои витален е интересот на граѓаните од двете држави. 

Во разговорите македонските пратеници изразија благодарност и задоволство од принципиелниот и константен став на Турција во однос на стратешките интереси на нашата држава, особено во однос на правото за користење на нашето уставно име и остварувањето на амбициите за членство во Алијансата и ЕУ. Во овие рамки ја потврдија непоколебливоста на македонскaта визија за европска перспектива, информирајќи притоа за состојбата во државата и размислувањата околу активностите во исполнувањето на преостанатите критериуми на планот на приближување кон евроатлантските структури.  Притоа, беа коментирани аргументите во прилог на нашите достигнувања, резултатите од реализираните обврски, последниот Извешетај на Европската комисија, како и преостанатите обврски на овој план. 

На средбите стана збор и за текот на билатералниот спор со нашиот јужен сосед околу прашањето за употребата на нашето уставно име, и за подготвеноста на Република Македонија за конструктивно продолжување на разговорите со Грција под медијаторство на посредникот на ООН, г. Метју Нимиц.

Во рамките на дискусијата околу состојбата во регионот беше коментирано прашањето за неговата безбедност, при што заеднички беше констатирано дека европската перспектива за Балканот ја гарантира неговата стабилност, но и стабилноста на Европа пошироко. Во тие рамки неподелено беше мислењето дека активното учество во регионалните иницијативи придонесува во обезбедувањето на мир и безбедност на балканските простори.

Во Министерството за надворешни работи, меѓу другото заеднички беше констатиран интересот за развој на пријателството меѓу двете држави, со оглед на регионалната близина, традицијата во односите, поставеноста на Турција и нејзиниот углед во пошироки рамки, беше потврдена потребата од унапредување на соработка во области од заемен интерес.

 Во рамките на унапредувањето на севкупните релации, особено беше нагласена потребата од проширувањето на соработката на економски и културен план, во кои, македонските иселеници во Турција и турското малцинство во Македонија се мостот и гарант, дека интересот за соработката меѓу двете држави ќе биде секогаш актуелен.

Од страна на домаќините беше изразено разбирање за македонските актуелни предизвици, подготвеност за унапредување на билатералните односи, а беше и потврдена поддршката и помошта во остварувањето на напорите кои што Македонија ги прави во насока на исполнување на последните од низот обврски и критериумите во процесот на интеграција во евро-атлантските структури.

Click