Активности



Вторник, 7 декември 2010 година

Македонија поседува вредности со кои веќе сега има важна улога во ЕУ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Суверениот воен ред на Малта, Н.Е. Павел Гиерински.

На срдечната протоколарна средба, од двете страни беа потенцирани пријателските односи меѓу Република Македонија и Суверениот воен ред на Малта.

Амбасадорот Гиерински ги потенцираше приоритетите на Редот на Малта, како влијателен субјект во мултилатералната дипломатија, особено во делот на глобалните хуманитарни и добротворни активности во полза на болните и сиромашните, што претставува важен придонес во постигнувањето на Милениумските развојни цели на ОН.

Во таа насока, амбасадорот Гиерински се заложи за понатамошна помош од страна на Редот на Малта на Република Македонија во рамките на хуманитарните активности во полза на граѓаните, особено сиромашните.

Истовремено, г. Гиерински ги истакна вредностите кои ги има Македонија, со кои веќе сега таа има важна улога во Европската унија. Тоа се вредностите на успешно управување со различностите од етнички, религиозен, културолошки и друг карактер, вредности кои претставуваат основа и на ЕУ.

Во таа насока, амбасадорот Гиерински изрази целосна поддршка на евоинтеграциониот пат на Република Македонија, истовремено искажувајќи подготвеност за конкретна помош. 

Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, од своја страна ја поздрави целосната поддршка која Суверениот воен ред на Малта ја дава на нашето интегрирање во ЕУ.

Претседателот Вељаноски истакна дека нашата конечна евроинтеграција нужно ќе се случи и дека тоа е прашање на време, дека членството во ЕУ е приоритет за сите земји од Западен Балкан и дека граѓаните од Балканот наместо досегашните политички кризи, се фокусирани и посакуваат брз развој на економијата и стандардот.

Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, на крајот на средбата, ја истакна отвореноста на Собранието на Република Македонија за понатамошно унапредување на меѓусебната соработка.

 

Click