Активности



Вторник, 30 ноември 2010 година, Брисел

Усвоени препораки на осмиот соСтанок на Мешовитиот парламентарен комитет - РМ и ЕУ

На Осмиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, кој се одржа на 29 и 30 ноември 2010 година во Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија, учествуваше делегација на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, предводена од г. Александар Спасеновски, претседател на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (ко-претседавач на овој комитет), г. Рафиз Аљити, потпретседател на Собранието на Република Македонија и на делегацијата, г-ѓа Славица Грковска, потпретседател на делегацијата, г-ѓа Соња Мираковска, член и г. Владимир Ѓорчев, заменик-член.

На вториот ден од состанокот свое обраќање имаше г. Васко Наумовски, потпретседател на Владата на Репубика Македонија задолжен за евроинтеграции, кој ги информираше парламентарците за актуелната состојба во евроинтегративниот процес на Република Македонија. По неговото излагање, следеше размена на мислења и дебата по одредени прашања, на кои г. Наумовски даде сеопфатни одговори. 

На Осмиот состанок беа разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европска унија, а парламентарците од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент имаа можност заеднички да дебатираат за повеќе прашања кои се однесуваа на: неодамнешниот развој на граѓанското општество, учеството на граѓаните во процесот на одлучување, слобода на изразување и политички дијалог, потоа за ситуацијата на функционирањето на јавната администрација, судството и затворскиот систем, вклучувајќи ги и обидите во борбата против измами и корупцијата, за транспортните коридори во Западен Балкан и Европската унија, како и за управувањето со фондовите на ЕУ, економската и финансиската ситуација и реформите преземени од Владата во насока на обврските преземени со пристапувањето во членство во Европската унија.

Дебатата резултираше со усвојување на Завршни препораки, во кои се поздрави фактот што партиите од власта и од опозицијата, со широка поддршка на невладиниот сектор, се единствени во нивната волја земјата да ги исполни Копенхагенските критериуми и условите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (САА), како и за што поскоро отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Исто така, парламентарците го поздравија напредокот постигнат во процесот на визната либерализација и преку почетокот на функционирањето на системот за интегрирано гранично управување. Истовремено, со задоволство беше поздравен конструктивниот приод на Собранието на Република Македонија во донесувањето на неопходните закони како и во модернизирањето на работата на Собранието, особено е поздравено усвојувањето на амандманите на Деловникот за работа на Собранието.

Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија го поздравија континуираниот напредок во реформите на Собранието, полицијата, судството, јавната администрација и заштитата на малцинствата. Беше поздравена антикорупциската политика согласно препораките на ГРЕКО.

Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија ја потврдија важноста од добро интегриран систем на транспортни коридори и во таа насока го поздрави вклучувањето на Република Македонија во мултинационалниот балкански железнички проект Карго 10.

Парламентарците ги констатираа и ги поддржаа напорите на Владата на Република Македонија во востановувањето на неопходните структури за децентрализирано управување со Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и ја охрабрија Европската комисија да донесе Одлука да го префрли менаџирањето со ИПА фондовите на националните власти.  

На крајот на состанокот имаше кратка прес-конференција на двајцата ко-претседавачи г. Спасеновски и г. Шацимаркакис, на која присутните новинари имаа можност да постават прашања околу темите за кои се дебатираше изминативе два дена.

 Усвоени препораки МПК РМ-ЕУ

Click