Активности

Вторник, 7 декември 2010 година
 
Обраќање на претседателот Трајко Вељаноски на свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“ 

Почитуван претседател г. Ѓорге Иванов,
Почитуван прв претседател на Република Македонија, г. Киро Глигоров,
Ваше Блаженство господин господин Стефан, Архиепископ на  Македонската православна црква - Охридска архиепископија,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Екселенции,
Дами и господа,

Пред единаесет века Македонија не била периферија на тогашниот свет, напротив, таа била значаен верски, духовен и просветителски центар, од кој во тогашниот, христијански свет, се ширеле многу духовни и културни вредности. Македонскиот народ и другите етнички заедници кои денес живеат во Република Македонија, може да се пофалат дека на овој простор живееле и создавале великани како што се светите браќа Кирил и Методиј, нивните ученици Свети Климент и Свети Наум. Годинава одбележавме и 100 години од раѓањето на блажената Мајка Тереза, една од најголемите хуманисти во 20. век. Секако, ние како нивни наследници сме должни да ги чуваме и надградуваме вредностите кои ни ги оставија овие великани и да ги пренесуваме на идните генерации. Во тие пригоди и чинови на одбележување и чествување ја гледам и државната награда која го носи името на Свети Климент Охридски која на утрешниот ден традиционално се доделува на поединци, групи или институции за достигнувања во повеќе области. А во текот на утрешниот ден ќе бидеме сведоци на свеченото поставување и осветување на новото спомен обележје на Свети Климент Охридски патронот на Македонската православна црква, кај Соборниот храм во Скопје.

Почитувани пријатели,

Пред единаесет века светите браќа Кирил и Методиј заедно со своите ученици од тука тргнаа во Европа на словенските народи на нивните јазици да им ја пренесуваат божјата реч и Христовото учење, преку Библијата преведана на словенските јазици. 

Зарем има нешто поблагородно отколку да знаеш да пишуваш и читаш на мајчин јазик, зарем може да се биде учен човек ако си неписмен. Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици меѓу кои се и Свети Климент Охридски и Свети Наум Чудотворецот, тоа го прават само од една единствена побуда. Силната вера во Бога и несебичната љубов која е темел на Христовото учење и која секогаш треба да се споделува со другите.

По враќањето од Европа, по сите оние патешествија и непријатности кои ги доживуваат со своите учители светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент во Охрид ја воспоставува Охридската Архиепископија, па затоа со право и гордост го славиме како основоположник и патрон на Македонската православна црква. Истовремено, свесен за потребата од знаење и наука како моќна движечка сила на секоја заедница и  општество, но и за секој поединец како индивидуа, го формира Охридскиот  универзитет како еден од најстарите во Европа. 

Има уште една димензија која сакам во оваа пригода да ја потенцирам. Имено, светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици светите Климент и Наум своите стекнати знаења тргнале да ги шират и споделуваат со сите јужнословенски народи. Речено со денешен јазик, чувството за солидарност - а така нè учи и Библијата, бил мотивот и оној внатрешен порив, своето знаење, своето научно достигнување на полето на лингвистиката да го споделат и да го пренесат на словенските народи.  Токму на тие нивни први научни сознанија се формираат современите јазици кај словенските народи, меѓу кои е и македонскиот литературен јазик.

А јазикот е и еден од основните фактори на создавањето на секој народ, односно нација сфатено во современа смисла на зборот.

И сега се прашувам како е можно по единаесет века и врз кои божји принципи или принципи на меѓународното право некој може едноставно да бара да се откажете од својот јазик, од својот национален и културен идентитет. Зарем пред повеќе од 60 години, кога се поставени темелите на денешна здружена Европа големите европски визионери како што беа Шуман, Гаспари, Черчил, Аденауер, Де Гол и многу други, не зборуваат дека здружена Европа треба да се темели и да ја црпи својата моќ врз толеранцијата и уважувањето на различноста како еден од основните принципи. Сепак, македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија покажале и докажале дека знаат да го зачуваат својот национален јазичен и културен идентитет, а   истовремено сите свои вредности и достигнувања да ги споделат со другите и да го почитуваат другиот, различниот. Во преамбулата на Уставот на Словачка како втор пасус стои: „Ние словачкиот народ, изразуваме благодарност до светите браќа Кирил и Методиј кои ја донесоа писменоста во Моравија“. Замислете сега да се најде некој од кај нас и да им рече на пријателскиот словачки народ: не смеете во уставот да ги споменувате светите браќа Кирил и Методиј бидејки тие се наши!  Напротив, верувам дека секој и малку разумен човек кај нас, секој кој верува во Бога, ќе биде горд на ова.

Така било во нашата историја, така е сега, и убеден сум дека така ќе биде и во иднина кога сигурно ќе станеме членка на Европската унија, бидејки цивилизациски и културно, токму и заради овие наши великани сме дел од големото европско семејство. 

Дами и господа, 

Знаењето е моќ. Патем ова не е партиска парола на владејачкото мнозинство, туку вредносна категорија која во науката или, поточно речено, во филозофијата ја поставува во 16. век англискиот научник и филозоф Сер Франсис Бејкон. Токму образованието и знаењето, неговата примена во секојдневниот живот, се оние категории врз кои се делат државите на развиени и помалку развиени.  Ова особено е важно за помалите држави како што е Република Македонија, која ете нема ниту нафтени полиња, ниту ги има дијамантските рудници на Соломон. Токму затоа  образованието и науката се оние категории кои можат на Република Македонија, на македонскиот народ, и на сите граѓани без разлика на етничката припадност да обезбедат стабилна сегашност и подобра иднина. 

Токму затоа тргнавме во проектот компјутер за секој ученик, со што денеска се вбројуваме во горната половина на европските држави според користењето на современите технологии за комуницирање и интернетот. Токму затоа, средното образование денеска кај нас е задолжително. Токму затоа, имаме пет државни универзитети и повеќе приватни, токму затоа имаме и два Универзитета на албански јазик за да можат и нашите сограѓани Албанци да стекнуваат високо образование на својот мајчин јазик, што е исто така дел од корпусот на европските принципи. Токму затоа секоја година се зголемува процентот на средства што од буџетот се одвојуваат за образованието. 

Дами и господа,

Знаењето и науката се динамична категорија која денеска го движи светот, а особено во овие процеси на глобализација. Истовремено процесот на глобализација нè соочува и со многу големи предизвици, па ако сакате и опасности од меѓународниот тероризам, па до загрозувањето на човековата околина. Да се одговори на сите овие предизвици, да се надминат сите потенцијални опасности најмалку е потребно оружје, а најмногу ни треба знаење и наука. Ни треба и солидарност и можност тоа знење и науката да се пренесува и споделува. Токму затоа во Европската унија е воведен такнаречениот Болоњски кредит трансфер систем, односно единствен европски високообразовен простор.

Република Македонија ги прифати и ги имплементира овие принципи во високото образование. Сакам да истакнам дека како парламент секогаш сме подготвени максимално да се ангажираме, секако во рамките на нашите уставни надлежности кога станува збор за подобрување на целокупните состојби во образовниот систем, во науката и културата сфатено во најширока смисла на зборот. Исто така, како законодавен дом во иднина ќе посветиме уште поголемо внимание на надзорната функција врз извршната власт за следење на примената и функционирањето на законите кои сме ги донеле. За сите нас, без разлика каде седиме во собраниската сала интересот за подобра иднина, за подобро образование, за побогата култура, поквалитетно здравство или здрава човекова средина, не треба да има значење партиската припадност.

Затоа верувам дека и во иднина инвестирањето во  образованието ќе продолжи.  Притоа не мислам само на актуелната Влада, туку се надевам овој проект, кој ете го дефиниравме со слоганот „Знаењето е моќ“, ќе биде константа за сите идни влади. 

Верувам дека мисијата и вредностите кои нашиот патрон Свети Климент ги воспостави уште пред единаесет века ќе бидат наш заеднички патоказ од кој постојано ќе црпиме сила и мудрост за нашите сегашни и идни дела.

Ви благодарам.
Click