Активности



Четврток, 16 декември 2010 година

Политичката поддршка од Русија е значајна за Македонија

Во македонскиот законодавен дом, претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи и членовите на Kомисијата: г. Игор Ивановски, г-ца Христина Рунчева, г. Александар Николоски, г. Павле Трајанов, г. Васко Шутаров и г-ѓа Лилјана Поповска, остварија средба со делегација на Државната дума на Руската Федерација, предводена од претседателот на Комисијата за меѓународни работи, г. Константин Косачев.

Во воведното обраќање, госпоѓа Арифи изрази задоволство од третата средба на двете пријателски комисии, кои имаат изобилство теми на кои можат да поразговараат. Воедно, се заблагодари за политичката поддршка која Македонија ја добива од Русија и за користењето на нашето уставно име и ги информираше гостите за актуелните случувања во земјата и регионот. 

Таа ги спомна последниот Ивештај на Европската комисија за Македонија и Самитот на НАТО, за кои заедничко е тоа што Македонија остана без членство и без датум за преговори, поради една единствена причина – отворениот спор со Грција, за кој сè уште нема решение.

Предводникот на руската делегација, г. Косачев, истакна дека е интересно што за Македонија е важно членството во ЕУ и НАТО, што за Русија не е од никаква важност. Тој мисли дека е неправедно што група од европски држави решаваат дали некоја земја ќе биде или не дел од некоја организација.

По пројавениот интерес од македонска страна, г. Косачев информираше за она што се случувало на последниот самит на НАТО, каде, меѓу останатото, станало збор и за руската иницијатива за создавање нова европска безбедносна структура, која нема да претставува опасност за старите. Русија не го смета НАТО за непријателска организација, но ѝ претставува проблем тоа што Алијансата презема дејствија надвор од територијата на нејзините членки.

На оваа тема, госпоѓа Арифи истакна дека малите балкански нации градат евроатланска перспектива затоа што немаат друга алтернатива и дека НАТО и ЕУ ја имаат докажано својата ефиксност. За нужноста од евроатланските интеграции, проговори и пратеникот Ивановски, кој  истакна дека тие ѝ се потребни на Македонија затоа што е земја без енергетски ресурси, со мултиетнички карактер, на нестабилниот Балкан. 

Господин Косачев направи некои споредби меѓу двете земји, како чувствителниот однос меѓу националностите, тема на која ѝ придава значење. Тој, правејќи паралела, забележа дека во Македонија има повеќе регистрирани партии и партии во Парламентот, отколку што е случај во Русија, каде постојат само седум партии, од кои четири парламентарни, за што мисли дека е мал број.

На крајот од средбата, двете страни изразија задоволство од односите меѓу двете земји, кои, како што истакна пратеникот Шутаров, треба да се доизградат, зашто Македонија е плодно тло за руски инвестиции.

Click