Активности



Четврток, 23 декември 2010 година

Прво продолжение на Педесет и петтата седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија вчера го одржа првото продолжение од својата Педесет и петта седница, на кое како матично работно тело разгледа шест Предлог-закони.

- Комисијата го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија (прво читање), за кој образложение даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

Тој истакна дека донесувањето на овој Предлог-закон произлегува од четири причини.

Првата причина е целосно усогласување на Директивата 2031 на Европската унија во делот на правната рамка и правните аспекти на услугите коишто се однесуваат на информатичкото општество, поконкретно електронската трговија.

Втора причина е допрецизирање на одредбите коишто се поврзани со регистарот каде што во постоечкиот Закон стои дека истите треба да бидат внесени во соодветниот регистар. Со овие измени и дополнувања се врши допрецизирање само во текстот на законот.

Третиот дел се однесува на усогласување на казните коишто може да се изречат согласно Законот за електронска трговија на правните и физичките лица, односно се врши доусогласување со политиката за унапредување на казнената политика.

Четвртиот дел се однесува во делот на целосното усогласување на барањето во делот со Европската унија, односно барањата коишто се однесуваат на правните лица коишто веќе имаат регистрирано дејност за вршење на електронска трговија и ги исполнуваат сите услови коишто се однесуваат на координираната област.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за таксата за привремен престој (прво читање), за кој заменик-министерот за економија истакна дека станува збор за измени во постојниот Закон којшто се однесуваат во насока на усогласување и дополнување со казнената политика во Република Македонија.

Поконкретно, станува збор за можноста за класификација на прекршоците и тоа во втората и третата категорија на прекршоци.

Во однос на втората категорија на прекршоци, беше истакнато дека во истата нема забрана за вршење на дејноста, туку постои само парична казна за евентуално сторен прекршок.

Во третата категорија, којашто ги содржи најтешките прекршоци, покрај паричната казна, останува и забраната за вршење на дејност.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања, со мнозинство гласови заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност (прво читање). Во образложението, заменик-министерот за економија истакна дека предложените измени се иницирани врз база на претходните дискусии и укажувања во рамките на Комисијата за економски прашања и во Собранието на Република Македонија.

Во првиот дел на предложените измени станува збор за додавање во делот на стручно оспособените лица коишто ќе бидат ангажирани за поединечни видови на алтернативни и екстремни спортови.

Вториот дел се однесува на усогласувањето на одредени недостатоци во делот на имплементацијата на постојното законско решение, поконкретно во делот на класификацијата на лиценците. Со предложеното решение практично се врши подобрување на оваа област, во смисла на тоа што се дава лиценца А на туристички агенции којшто ќе вршат целосно организирање, планирање и продажба на своите туристички аранжмани, додека туристичките агенции со лиценца Б ќе имаат можност само да ги продаваат веќе подготвените и организирани пакети, односно услуги.

Третиот дел на предложените измени ја опфаќа можноста за либерализација на обврската за висината на трошоците за полагање на стручниот испит за управување со туристичка агенција, односно туристички водич или придружник. Во тој дел е предвидена можноста за развој на конкуренцијата.

Исто така, во Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за туристичката дејност извршени се неколку допрецизирања, односно доусогласувања во делот на точниот начин на предвидувањата за доделување на субвенции за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во Република Македонија.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Беше разгледан и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за правна заштита на услугите кои се засноваат на, или опфаќаат, условен пристап (прво читање).

Целта на предложените измени, како што истакна претставникот на предлагачот, е во насока на подобрување на деловната клима во Република Македонија и тоа во делот на усогласување со казнената политика, конкретно воведување на постапката за едукација за малите прекршоци за коишто нема да имаат директно казнување. Во Предлог-законот има и еден дел којшто се однесува на намалување на казната во третата категорија, односно на најтешкиот вид на казни.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- На истата седница, Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица (прво читање).

Прва и најзначајна причина во измените е давањето на можноста на целосното воведување на постапката на комплетно електронско поднесување на целокупната документација за регистрација на трговските друштва. Со понуденото решение се доаѓа до усогласување со техничките решенија коишто во моментот се во фаза на подготовка или пак во напредна фаза на тестирање и коишто на почетокот на 2011 година ќе отпочнат со нивна имплементација.

Второто предложено и значајно решение е правната основа за следење на стечајните постапки и статусот на сите дополнителни елементи коишто се значајни за потенцијалните интересенти во одредена стечајна постапка да може да се објавуваат и следат од страна на Централниот регистар.

Третата значајна причина се однесува на можноста за стандардизиран електронски формат за доставување на релевантните финансиски податоци, којшто преку Централниот регистар може да бидат исползувани од сите потенцијални инвеститори и трговски партнери.

Четвртата причина којашто нуди подобрување на Предлог-законот е во делот на усогласувањето со парничната постапка којашто предвидува задолжително задолжување на електронска адреса на правното лице.

Петтиот дел се однесува на усогласување на Предлог-законот со општата рамка за унапредување на казнената политика.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа уште и Предлогот на закон за стопанските комори (прво читање), за кој претставникот на предлагачот истакна дека има примарна цел да воспостави квалитетна основа врз којашто ќе може да се регулира коморското работење.

Една од основните причини за носење на Предлог-законот е можноста, односно потребата за унифицирање на оваа законска регулатива, од причина што досега во Република Македонија постоеја два закона којшто регулираат слична материја од оваа област. Една од основните цели е да се постави една заедничка основа на којашто ќе може да се развива и да се гради системот на коморското работење.

Претставниците на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија, г-ѓа Елена Милевска и г. Блерим Златку, дадоа целосна поддршка на Предлог-законот за стопанските комори и истакнаа дека се работи за добро изготвен и квалитетен Закон којшто ќе биде во интерес на сите субјекти од областа на коморското работење.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на закон за стопанските комори во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click