Активности

Среда, 3 февруари 2010 година

Средба на потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Урлике Марија Кноц 

Потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Урлике Марија Кноц и со стипендистите на Меѓународната парламентарна практика.

Потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, истакна дека ја радува можноста по втор пат да се направи програма за функционирање на Собранието на Република Македонија, како подготовка за престојот во Бундестагот на стипендистите на ИПС проектот за 2010 година. Таа истакна дека оваа година се тројца кандидати од Република Македонија, Емил Амедов, Хамди Шахини и Далибор Трендафиловски, што зборува за добрата подготвеност на кандидатите.    

Собранието на Република Македонија прави напори за понатамошно унапредување на Меѓународната парламентарна стипендија, проект преку кој секоја година се доделуваат по неколку стипендии за учесници од Република Македонија. Цел е промовирање на овој проект во Република Македонија, што поголемо негово афирмирање заради привлекување на повеќе млади луѓе, квалификувани за оваа стипендија.

Собранието на Република Македонија и оваа година, преку Министерството за култура, обезбеди соодветен пропаганден и рекламен материјал кој им беше доставен на стипендистите за промоција на Република Македонија во Германија, при што потпретседателката Светлана Јакимовска им се обрати на учесниците во ИПС дека тие се наши неформални амбасадори и од нив се очекува достојно да ја претстават нашата земја во Германија. 

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Урлике Марија Кноц се заблагодари за поддршката на програмата и изјави дека  контактите на германскиот Бундестаг и на Собранието на Република Македонија се од големо значење, а практикантите што биле во германскиот Бундестаг претставуваат мост помеѓу двете земји.

Емил Амедов, Хамди Шахини и Далибор Трендафиловски, учесници во ИПС 2010 истакнаа дека за нив има големо значење посетата на Собранието на Република Македонија и запознавањето со работата на пратениците и на работните тела на собранието, затоа што на тој начин тие ќе можат да направат споредба со работата на германскиот Бундестаг.

Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) 2009 е традиционална активност на германскиот Бундестаг односно Проект на Германскиот парламент кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот Универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламенарниот систем на Германија.

Учесници во овој Проект се политички и општествено ангажирани млади луѓе од повеќе земји на Централна, Источна и Југоисточна Европа, со интерес за работа во државната администрација или пошироко во јавниот живот на своите земји (во медиумите, партиите, здруженијата, високото образование и слично). Селектираните кандидати директно работат во кабинетите на германските пратеници за време од пет месеци. Тие се вклучени и запознаени со работата на пратеникот, кај кого ќе бидат определени, во целосно. Учестуваат во негова подготовка за разни активности, заедно со останатите негови службеници. Некогаш учестуваат и во предизборните активности на пратениците и ги организираат средбите со граѓаните. Селектираните кандидати од Република Македонија работат со пратеници на Германскиот Бундестаг, кој имаат особен интерес за развивање на односи со земјите од Западниот Балкан,  а посебно со Република Македонија. 
Click