Собраниско раководство



Вторник, 25 мај 2010 година, Рим

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на Република Италија, г. Џанфранко Фини

Собраниска делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, а во која се и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, заменик- координаторот на пратеничката група на ДУИ, г. Сафет Незири, заменик- координаторот на пратеничката група на СДСМ, г. Марјанчо Николов и заменик-координаторот на пратеничката група на НСДП, ЛП и НА, г. Горан Мисовски, денеска остварија средба со претседателот на Претставничкиот дом на Република Италија, г. Џанфранко Фини.

На средбата која помина во пријателска атмосфера, двајцата претседатели се задржаа на последиците од економската криза, кои ги чувствува и со кои се справува секоја држава. Претседателот Фини ги запозна членовите на Делегацијата дека италијанскиот парламент наскоро ќе дебатира за ребаланс на Буџетот, кој Владата на Италија треба да им го достави деновиве и со кој ќе се направи намалување на трошоците, а воедно се интересираше и за начинот на кој Република Македонија се справува со последиците од кризата.

Двајцата претседатели се согласија дека треба да испратат апел до Брисел за изградба на Коридор 8, кој е од големо значење за регионот, да се направат напори сепак за Коридор 8 да се издвојат средства, но и дека очекувањата треба да се реални, имајќи ја предвид економската криза.

Претседателот Фини се интересераше и за спорот за името кој Република Македонија го има со Република Грција, но изрази убеденост дека истиот ќе биде решен и дека Република Македонија паралелно со изнаоѓање на решение за спорот треба да биде посветена на реформите, особено во областа на безбедноста.

„Јас лично и мојата држава сме уверени дека Република Македонија, како и државите во нејзина непосредна околина, треба да бидат дел од Европската унија, пред сè заради стабилноста на регионот и, како што и нашиот министер за надворешна политика неодамна кажа, билатералните спорови треба да се решаваат без оглед на приклучувањето во европската зедница“, истакна претседателот Џанфранко Фини.

Претседателот Фини го поздрави сработеното во областа на меѓуетничките односи во Република Македонија и истакна дека тоа Брисел особено го вреднува и цени.

Претседателот Вељаноски истакна дека и покрај тоа што јужниот сосед, Република Грција, го искористи правото на вето во однос на добивањето на датум за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, со што направи негативен чекор во однос на градењето доверба помеѓу двете соседни земји, Република Македонија останува посветена на реформите и подготовките за влез во европската заеница, водена од целта за подобрување на севкупниот живот на граѓаните, а потоа и за пристапување во европското семејство целосно подготвени.

Претседателот Фини со задоволство ја прифати поканата за посета на Република Македонија, која на крајот на средбата ја упати претседателот на македонското собрание, г. Вељаноски. 

Click