Собраниско раководство



Среда, 28 април 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски оствари средба со претседателот на Секинескиот Народен Конгрес Ву Бангуо

Во рамките на посетата на Народна Република Кина на Делегацијата на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Трајко Вељаноски, во чиј состав се пратениците Силвана Бонева, Цветанка Иванова и Џеват Адеми, денеска во Пекинг, во зградата на Секинескиот народен конгрес беше остварена средба со претседателот на Секинескиот народен конгрес, Ву Бангуо, што воедно претставува прва средба на ниво на претседатели на парламенти од двете земји.

Претседателот Вељаноски истакна дека оваа средба на највисоко ниво претставува основа за интензивирање на парламентарната соработката, но и можност за понатамошно унапредување на севкупните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Притоа, тој го поздрави принципиелниот став на НР Кина во врска со признавањето на нашето уставно име со што се потврдува вистинското пријателство меѓу двете земји.

Претседателот Вељаноски посочи дека Република Македонија е посветена на исполнувањето на стратешките цели за полноправно членство во ЕУ и во НАТО, но исто така големо внимание се посветува и на вкупните релации со НР Кина. Тој искажа увереност дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи и ќе се продлабочува на различни полиња, како што се култура, наука, туризам, за што македонската страна е подготвена уште повеќе да ги засили сите активности. На тој начин ќе се придонесе за интензивирање и на економската соработка, при што кинеските компании се добредојдени да инвестираат во Република Македонија како можност и за влез на европскиот пазар.

Претседателот Вељаноски упати благодарност за помошта што Владата на Народна Република Кина ѝ ја додели на Република Македонија за учество на светската изложба Шангај Експо 2010 и за можноста на овој настан од глобално значење да се претстави македонската култура, традиција и историските вредности.

Претседателот на Секинескиот народен конгрес, Ву Бангуо, истакна дека оваа средба е значајна и треба да биде поттик за поинтензивна соработка меѓу двете држави во различни области.

„Ви стојам на располагање во насока на јакнење и подобрување на односите меѓу нашите земји на парламентарно ниво, но мислам дека е потребно да се направат напори за да се унапредат односите уште пошироко. Економската соработка треба да се продлабочува за што веќе постојат позитивни сигнали и зголемен интерес на кинеските компании за присуство во Република Македонија“.

Претседателот Ву Бангуо посочи дека кинеската страна го респектира и има целосно разбирање за правото на Република Македонија за употреба на уставното име и воедно се надева на брзо решавање на овој спор во рамките на ООН.

На крај, претседателот Вељаноски изрази благодарност за топлото гостопримство и упати покана до својот колега г.Ву Бангуо да ја посети Република Македонија.

Во рамките на претстојот во НР Кина, делегацијата на Собранието на Република Македонија ќе учествува на свечената церемонија на отворањето на Експо Шангај 2010  и ќе оствари средби со други високи претставници од кинескиот државен врв.


Click