Собраниско раководство

Вторник, 13 април 2010 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, го прими генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торнбјорн Јагланд

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска го прими генералниот секретар на Советот на Европа г. Торнбјорн Јагланд. На средбата, претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија и сите нејзини институции продолжуваат со реформите кои се потребни за нашето членство во Европската унија и европските институции

„Нашето Собрание и нашата Делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа даваа и се подготвени да дадат полн и ангажиран придонес на остварување на задачите во македонското претседателство со Советот на Европа. Уште минатата година бевме една од оние земји членки во која беше одбележана 60-годишнината на СЕ со свечена седница, со пригодни трибини, тркалезни маси, во кои беа вклучени пратеници, дипломати, научници и невладини организации. На тој начин придонесовне на зголемување на присутноста и видливоста во јавноста на она што го прави Советот на Европа. Во рамките на Советот на Европа ние се наоѓаме во фаза на финализација на постмониторинг дијалогот кој се води повеќе години, а во најголема мера е надминато она што како обврска е барано од нас при приемот во Советот на Европа“, изјави претседателот Вељаноски.

Претседателот Вељаноски истакна дека оваа година во мај не очекува да организираме сесија на Постојаниот комитет, како прв настан со кој ќе биде најголем меѓународен парламентарен собир организиран кај нас, на кој ќе учествуваат парламентарци од 47 земји-членки. 

„Во исто време, продолжуваме со преговорите кои се водат под покровителство на ОН и господинот Нимиц за изнаоѓање на решение за спорот со името наметнат од соседна Грција. Решавањето на спорот со името и нашето членство во ЕУ, секако, е во интерес на Република Македонија, но исто така е значајно за стабилноста и интеграцијата на регионот, како и за Европа во целост“, изјави претседателот Вељаноски. 

Генералниот секретар на Советот на Европа, г. Јагланд, истакна дека не се сомнева дека македонското председавање ќе биде успешно и квалитетно. 

„Вашата држава поседува потенцијал, имате успешни реформи, влегувате во фаза на отворање преговори со ЕУ, повеќе немате визен режим, поседувате кредибилитет на демократска земја и вашето претседавање доаѓа во многу значаен и важен период за Советот на Европа“, изјави г. Јагланд. 

Генералниот секретар на Советот на Европа, г. Јагланд, истакна дека во пресрет на преземањето на претседавањето свесен е за сензитивноста на прашањето околу името и изрази надеж дека тоа нема да ги засени сите други важни задачи и работи за време на претседавањето на Република Македонија со Советот на Европа.
Click