Собраниско раководство



Петок, 9 април 2010 година

Претседателот на Собранието Вељаноски прими делегација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на република македонија

На средбата, претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, г. Никола Ангеловски, на претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, му додели Плакета во знак на соработка и посебни заслуги во унапредувањето на работата на Републичкиот совет и воопшто јакнење на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Во своето обраќање, претседателот на Републичкиот совет истакна дека Плакетата на претседателот Вељаноски му се доделува поради неговата лична поддршка, но и како претседател на Собранието во усвојувањето на Националната стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Претседателот на Собранието, заблагодарувајќи се за добиената Плакета, истакна дека ова не е само негово признание, туку заслуга на сите пратеници.

„Усвојувањето на Националната стратегија за безбедност во сообраќајот (која за прв пат беше донесена кај нас), е прашање кое нè засега сите без разлика на политичката припадност. Како собрание и како пратеници, сме должни секогаш да се стремиме да ја подобриме безбедноста на нашите патишта. Во тоа Националната стратегија има голема улога, бидејќи нејзиното усвојување, а уште повеќе нејзината имплементација, секако влијае врз поголема безбедност во сообраќајот. Верувам дека и во иднина ќе продолжиме сите заедно да работиме и придонесуваме во обезбедување на поголема безбедност во сообраќајот на патиштата во Република Македонија“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.

Click