Собраниско раководство



Среда, 10 март 2010 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со Делегацијата на Државниот збор на Словенечкиот парламент, предводена од претседателот д-р Павел Гантар

На почетокот на разговорите и двете страни истакнаа дека односите меѓу Република Македонија и Република Словенија се многу добри и повеќе од пријателски, а меѓу двете држави нема отворени прашања.
„Тоа ни дава можност билатералните односи да ги продлабочуваме во сите сфери и на сите нивоа“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.

Изразувајќи благодарност за досегашната принципиелна поддршка која Република Словенија ја дава на нашата држава во остварувањето на стратешката определба, а тоа се евроатлантските интеграции, претседателот Вељаноски потсети на неодамнешниот извештај кој беше усвоен во Европскиот парламент, во кој многу децидно се наведува дека Република Македонија во еден разумен рок треба да добие датум за започнување на преговорите.

„Во фазата на преговори и отворање на поглавја, националните парламенти имаат многу значајна и одговорна улога и токму тука ја гледам можноста за интензивна соработка меѓу двата парламенти“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.

Во разговорите стана збор и за регионалната соработка, за која и двајцата претседатели истакнаа дека е многу значајна, изразувајќи задоволство дека добро се развива. Притоа, голем импулс дава и таканаречената парламентарна демократија, истакна претседателот Вељаноски.

Во разговорите, претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, се осврна и на појавата во некои европски држави каде што некои македонски граѓани бараат политички азил.

„Сакам да истакнам дека не станува збор за никакви политички проблеми на овие наши сограѓани, ниту пак за некаква владина политика, туку за манипулација на овие луѓе од страна на поединци, а во позадина се економски мотиви. Токму затоа, сите институции во државата на ова посветуваме големо внимани и преземаме конкретни мерки на нашите граѓани да им ја објасниме визната либерализација, односно дека слободното патување не може да биде излез за социо-економската положба на секој поединец“, изјави претседателот Вељаноски.

„За нас Република Македонија е европска држава, а јас лично сум импресиониран од напредокот кој го имате постигнато, како и од вашиот придонес и учество во мировните мисии на НАТО“, истакна на почетокот претседателот на Државниот збор на Словенечкиот парламент, г. Павел Гантар.

„Во моментов нема никаква причина за Република Македонија да не биде полноправна членка на НАТО или да ги започне преговорите со ЕУ. Секако, тука е ставот на Грција и спорот со името, но тоа е билатерален спор кој не смее да влијае врз процесите на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Токму затоа, Република Словенија и понатаму ќе ја поддржува Македонија во процесот на евроатлантските интеграции. Што се однесува до проблемот со појавата на азилантите во некои европски држави, сакам да истакнам дека кога станува збор за ваши граѓани не е некоја масовна појава, а исто така не е ни нешто ново. Имено, вакви појави се случуваа и во минатото кога на други европски држави им беше укинат визниот режим“, истакна претседателот Гантар.

„Инаку, Словенечкиот парламент со сите свои капацитети, е подготвен да ви даде секаква помош“, истакна претседателот на Државниот збор на Словенечкиот парламент, г. Павел Гантар.

Click