Собраниско раководство



Петок, 26 март 2010 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, го прими г. Роберт Симонс, заменик на помошникот на генералниот секретар на НАТО

Потсетувајќи дека Република Македонија денес не е членка на НАТО заради спорот со нашиот јужен сосед, претседателот на Собранието, г. Трајко  Вељаноски истакна дека ние продолжуваме со сите потребни реформи за наше целосно интегрирање во евроатлантските структури.

„Иако не сме членка на НАТО, Република Македонија многу сериозно и одговорно ги презема сите оние задачи и обврски кога станува збор за зачувувањето на мирот. За таа цел, го зголемивме и бројот на нашите војници во мировната мисија во Авганистан, а учествуваме и во други мировни мисии. Како парламент особено внимание посветуваме на цивилната контрола врз армијата, односно врз сите безбедносни структури, што е еден од основните принципи на парламентарната демократија. Понатаму, особено внимание посветуваме на политичкиот дијалог во Собранието, а сето ова како наш напредок е констатирано и во последниот Извештај на Европската комисија, кога добивме и препорака за започнување на преговорите. Но и овојпат се повтори Букурешт и затоа сè уште Република Македонија нема датум за почеток на преговорите“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.

Заменикот на помошникот на генералниот секретар на НАТО, г. Роберт Симонс, истакна дека во НАТО високо се цени придонесот на Република Македонија во јакнењето на стабилноста на регионот, а особено високо се цени и квантитативниот и квалитативниот придонес на македонските војници во мировните мисии, особено во Авганистан, но и Ирак.

„Сакам да истакнам дека сè уште важи одлуката од Самитот во Букурешт дека по решавањето на спорот со вашиот јужен сосед веднаш започнува постапката за полноправно членство на вашата држава во НАТО. Затоа  се надеваме дека овој спор брзо ќе биде решен и се надевам дека годинава вие ќе го заземете вашето заслужено место како полноправна членка  на  НАТО. Исто така, посебно ја цениме улогата на Собранието во остварувањето на парламентарната контрола врз армијата и врз сите безбедносни структури, како и конструктивниот придонес и активностите на парламентарната делегација на Собранието во Парламентарното Собрание на НАТО“, истакна Роберт Симонс.


Click