ЕУ вести



Четврток, 1 јули 2010 година

Белгија го презема претседавањето со ЕУ

Од денеска, 1 јули 2010 година, Шпанија официјално ѝ го предава на Белгија ротационото претседателство со Европската унија. Меѓу приоритетите во наредните шест месеци, оваа држава го има и проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.

Ставот на Белгија е на сите држави-кандидати за влез во ЕУ да им се обезбеди сигурна европска иднина, притоа, секако, тие да ги исполнат условите за членство. 

Други важни задачи кои белгиското претседателство ги има зацртано во својот полугодишен план се: излез од економската криза, построги правила за финансиските пазари, борба против климатските промени, заштита на животната околина, унапредување на социјалната кохезија, борба против сиромаштијата, подобрување на здравството и спроведување пензиски реформи.

Приоритети на Белгија се и воспоставувањето подобра економска координација меѓу европските држави и зацврстување на европските институции во согласност со Лисабонскиот договор, како и спроведување на Стокхолмската програма од 2009 година и меѓусебно признавање судски одлуки.

По Белгија, претседавањето со Европската унија, на 1 јануари 2011 година, ќе го презеде Унгарија.

Click