ЕУ вести



Среда, 13 октомври 2010 година

Доделена Наградата за новинарство од Европарламентот

Претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек, ја додели Наградата за новинарство во категориите печатени медиуми, радио, телевизија и интернет, а победниците добија по 5.000 евра за својот труд кој има за цел да придонесе за подобро разбирање на европските институции и политики.

Полскиот новинар Витолд Шабловски од дневниот весник „Газета Виборча“, е победник во категоријата печатени медиуми за својата статија „Денеска две тела ќе бидат измиени на брегот“, во која го опишува проблемот со илегалната имиграција во рамките на Европската унија.

Наградата во категоријата радио, замина во рацете на Кајза Норел и Нури Кино од Шведска, за истражувачкиот извештај  во врска со финансиската поддршка на ЕУ за Турција, конкретно за локалните земјодеци во оваа држава.
Телевизискиот новинар Золт Немет од Унгарија беше награден за неговата емисија „Еуфорија“, во која ја претставува историјата на Европската унија на еден разбирлив и забавен начин, близок до младата популација, со цел да ја запознае со работата на Унијата.

Британецот Џејмс Клив-Матерс се закити со признанието најдобар интернет-новинар за неговата блог-статија „Еутопија - Колкав процент од законите доаѓаат од Европската унија?“, една статистичка и компаративна, но исто така и информативна и интересна студија.

При доделувањето на наградата, претседателот на Европарламентот истакна дека истата има за цел да промовира едно критичко и непристрасно новинарство.

„Знам колку може да биде тешко да се објасни Европа, нејзината политика и нејзините одлуки, но тоа е од витално значење. Доаѓам од земја каде што речиси педесет години на новинарите не им беше дозволено да го објавуваат она што го гледаат, да го напишат она што го мислат и да го кажат на глас она што го чувствуваат. Знам колку се драгоцени овие вредности и сметам дека е уште поважно да се слушнат критиките, затоа што ни овозможуваат проверка и нè тераат да ја објасниме нашата политика на подобар начин, а понекогаш и ни помагаат да ги воочиме грешките кои можеби сме ги направиле“, изјави г. Јержи Бузек.

Денешната, трета церемонија на доделувањето на Наградата за новинарство, беше проследена со панелна расправа на тема „Новинарите - загрозен вид?“.

Click