ЕУ вести

Вторник, 15 јуни 2010 година

ЕУ посветена на европерспективата на Западен Балкан

Советот на министри на Европската унија вчеравечер ја потврди „недвосмислената посветеност на ЕУ на европската перспектива на Западен Балкан“, а воедно и ги поздрави напорите кои земјите од овој регион ги преземаат во насока на поскоро спроведување на реформите во клучните области, особено во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Во заклучоците за Западен Балкан, кои беа усвоени на состанокот во Луксембург, министрите за надворешни работи на ЕУ ги поздравија и заложбите на регионот во насока на натамошно зајакнување на регионалната соработка.

Земјите од Западен Балкан мора да ги решат прашањата со кои се соочуваат за да има напредок во евроинтегративниот процес, истакна г-ѓа Кетрин Ештон, висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија на прес-конференцијата во Луксембург.

За време на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на Унијата, накратко се разговарало и за Република Македонија, но не беа соопштени детали за содржината на разговорите.

Напредокот на секоја земја во регионот зависи од поединечните напори во насока на исполнување на критериумите од Копенхаген и условите во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација, беше нагласено во заклучоците.

Советот на министри на ЕУ го поздрави и резултатот од состанокот ЕУ-Западен Балкан, одржан на 2 јуни во Сараево.



 

 

 

 

Click