ЕУ вести



Четврток, 21 октомври 2010 година

Европарламентот награди кубански борец за слобода и човекови права

Наградата „Сахаров“, која Европскиот парламент ја доделува за слобода на мислата, оваа година замина во рацете на кубанскиот дисидент Гиљермо Фарињас, кој беше номиниран во името на сите оние кои се борат за слободата и човековите права во Куба.

Овој 48-годишен доктор по психологија, независен новинар и политички дисидент, поминал 23 штрајкови со глад низ годините, во знак на протест против кубанскиот режим.

Победникот го прогласи претседателот на Европарламентот, г. Јержи Бузек, во рамките на последниот ден од пленарната седница во Стразбур, а наградата во износ од 50.000 евра на Кубанецот ќе му виде врачена на свечена церемонија на 15 декември. 

„Гиљермо Фарињас беше подготвен да се жртвува и да го ризикува своето здравје и својот животот како средство за притисок за промени во Куба. Тој го искористи штрајкот со глад во знак на протест за недостатокот на слобода на мислата во Куба, на тој начин давајќи надеж на сите оние кои се грижат за слободата, човековите права и демократијата“, изјави г. Бузек.

Инаку, наградата „Сахаров" Европарламентот ја доделува од 1988 година во чест на познатиот физичар и нобеловец за мир, Андреј Сахаров, и со неа се оддава почит на личности и организации кои се борат за заштита на човекови права и слободи и против угнетувањето и неправдата.

Click