Собраниско раководство

Петок, 21 мај 2010 година

Обраќање на претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски на седницата на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Совет на Европа

Почитуван претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, господин Мевлут Чавушоглу,
Почитувани колеги парламентарци,
Почитуван министер,
Ваши Екселенции,
Дами и господа,

Пред 20 години на знамето на Советот на Европа светеа само 12 ѕвезди, а денес има 47 држави-членки со над 830 милиони Европејци, односно се оствари познатата мисла на големиот државник и Европеец Винстон Черчил - "Нека биде создадена Европа" изречена во далечната 1946 година. Пред 20 години поимите човекови права и слободи, парламентарна демократија, пазарна економија беа табу-теми за сите нас кои бевме од онаа страна на железната завеса, односно беа само фасада за покривање на еднопартсиките системи.

Собранието на Република Македонија во Советот на Европа е присутно од 1993 година, 1995 станавме полноправен член, а денес претседаваме со Комитетот на министри на оваа најстара европска институција. 

Сето ова го кажувам само со единствена цел, уште еднаш да  потсетам дека доследното почитување на принципите на човековите права, парламентарната демократија, солидарност и почитување на другиот, различниот, се темел врз кој пред 61 година е создаден Советот на Европа и врз кој се темели иднината на Европа, но и иднината на секоја држава сама по себе. Токму од овие вредности и стандарди Советот на Европа и неговите институции, пред сѐ Европскиот суд за човекови права ја црпат својата морална сила и углед кои ги надминуваат границите на Европа.

Дами и господа, почитувани колеги

Република Македонија е унитарна држава, а во исто време мултинационално, мултикултурно и мултиконфесионално општество. И токму преку почитувањето на индивидуалните и колективните човекови права, преку почитувањето на принципите на парламентарната демократија, преку дијалог и разговори ги надминавме сите предизвици. Притоа, Собранието на Република Македонија ја има клучната улога во овие процеси. Во оваа институција ги усвоиме уставните измени кои произлегоа од Охридскиот договор, тука овие уставни одредби ги преточивме во закони, тука водиме понекогаш и остри политички дебати за конкретни закони. Сето ова беше многу јасно истакнато во последниот извештај на Европската комисија кога добивме и препорака за започнување на преговорите за наше членство во Европската унија. Сите знаеме зошто тоа не се случи. Иако знам дека нашата конференција и воопшто Советот на Европа не е место каде што се решаваат билатерални спорови, а таков е спорот со нашиот јужен сосед околу нашето уставно име, сепак треба да истакнам дека ние како парламент донесовме неколку документи кои ја обврзуваат Владата да ги продолжи преговорите кои ги водиме со Грција под покровителство на Обединетите нации. Во овие документи јасно е наведено дека решението на овој спор не може да задира во националниот, јазичниот и културниот идентитет на македонскиот народ. А почитувањето и заштитата на националниот, културниот и јазичниот идентитет на секој поединец е еден од основните принципи на Советот на Европа.

Дами и господа,

За приоритети во текот на македонското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа секако многу подетално ќе зборува претседавачот, министерот за надворешни работи на Република Македонија, господин Антонио Милошоски, лично ме радува фактот дека токму со оваа средба на парламентарци, работно започнува македонското претседавање. Затоа дозволете ми да се осврнам на некои клучни работи кои ние како Собрание ги работиме, а кои имаат две цели. Првата е нашето приближување, односно хармонизацијата со европското право, а втората е јакнење на парламентарната демократија. Во таа насока посебно внимание посветуваме на јакнењето на контролната функција на Собранието кога станува збор за имплементацијата на законите кои ги носиме, а секако и контролната функција врз извршната власт која произлегува од нашата уставна надлежност. Исто така, работиме на јакнењето на отвореноста и транспарентноста на Собранието. Ова особено е подобрено со воведувањето на таканаречениот електронски парламент преку кој се одвива целокупниот законодавен процес, а сето ова преку нашата веб-страница е достапно за секој граѓанин. Односно, преку новите технологии на комуникација, пред сѐ интернетот, од една страна се зајакнува транспарентноста во нашето работење, а во исто време се овозможува поголема комуникација со Собранието, што нам, на пратениците ни овозможува не само да ги слушнеме туку и да ги разбереме предлозите, мислењата и интересите на нашите граѓани. Особено внимание посветуваме на соработката со невладиниот сектор преку најразлични заеднички проекти. Така, минатата недела во рамките на одбележувањето на Денот на Европа имавме две трибини организирани и водени од страна на невладиниот сектор. Исто така, како парламент големо внимание посветуваме на регионалната соработка. Ова е особено важно не само за билатералните односи, туку и за јакнењето на стабилноста на целиот регион и неговата евроатлантска перспектива. Секако мора да ја споменам и нашата делегација во Парламентарното собрание која со својата активност и ангажман дава придонес во јакнењето на парламентарната димензија на Советот на Европа.

Дами и господа,

Не сакам да бидам погрешно разбран дека нудам некаква виртуелна идеална слика за Република Македонија. Напротив, јас лично и сите мои колеги пратеници од Собранието на Република Македонија и другите државни институции сме свесни дека треба уште многу да направиме и тоа на сите полиња. Не чекаат многу суштествени реформи, поаѓајќи од правосудниот систем, но и реформи во други области. Исто така, мораме постојано да работиме и да ги развиваме сите механизми кои се во функција на индивидуалните и колективните човекови права. Мораме да ја продлабочиме соработката со невладиниот сектор.

Досега за сите овие прашање имавме навистина голема помош од страна на Советот на Европа. Во исто време некои решенија и искуства од Република Македонија можат, исто така, да бидат корисни за други држави и ние сме подготвени да ги споделиме тие искуства.

Затоа на крајот би сакал уште еднаш да се заблагодарам на сите вас и на Советот на Европа во целина. Верувам дека во текот на македонското председавање со Комитетот на министри како држава ќе придонесеме во натамошниот развој на оваа наша најстара, но многу значајна европска асоцијација. Вам почитувани колеги ви посакувам плодна работа и пријатен престој во Република Македонија.

Ви благодарам 
Click