Собраниско раководство



Четврток, 26 август 2010 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Свечената академија по повод 100-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза

Почитуван Претседателe на Република Македонија ,
почитуван Претседателe на Владата на Република Македонија,
почитувани членови на семејството Бојаџиу,
почитуван поглавар на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и претставници на другите верски заедници,
дами и господа, екселенции и
драги пријатели,

Во светот има многу, многу страдања. Материјално страдање, страдање  од  гладта, од бездомништвото, од болестите и друго. Но, јас сè уште мислам дека најголемо страдање е да се биде осамен, да се чувствувате несакани, односно да немате никого.

Верувам дека многу од вас ги препознаа зборовите на Блажената Мајка Тереза, односно на Гонџа Агнеса Бојаџиу, родена пред сто години, овде, близу, во некогашното Влашко маало во албанското семејство Бојаџиу.

Денес, сто години по раѓањето на Мајка Тереза, куќата на семејството Бојаџиу ја нема, го нема и Влашкото маало, но само на десетици метри оттука, на местото на некогашната црква Пресвето срце Исусово, во која само еден ден по своето раѓање е крстена Гонџа Агнеса Бојаџиу, стои спомен-куќата на Мајка Тереза, објект кој на скромен, но достоинствен и духовен начин ни го пренесува животниот пат и делото на Мајка Тереза

Уште како дете ги покажува своите карактеристики кои ја следат до крајот на животот. Секако, на прво место е верата и љубовта во Бога. А таа љубов ја споделува во тоа време со своите најблиски, со своите пријатели, за подоцна преку својот мисионерски ангажман да ја сподели со оние на кои најмногу им недостасува токму љубовта, а тоа се најсиромашните слоеви во Индија и во целиот свет. Како што самата Мајка Тереза сведочи, уште како дете размислува да се посвети на мисионерскиот позив.

На 18-годишна возраст, Гонџа Агнеса Бојаџиу, решава да го напушти своето семејство, својот роден град и да замине во Даблин каде што се приклучува во сестринскиот ред Лорето. Веќе истата година со брод заминува за Индија, во Калкута, каде што ја започнува својата мисионерска и хуманистичка мисија која ќе ја води до крајот на својот живот.

Водена токму од љубовта кон човекот, Мајка Тереза, во Калкута, во 1948 година, добива дозвола да го напушти манастирот каде што водела училиште и да почне да дејствува сама меѓу најсиромашните слоеви на милионската Калкута. Меѓу луѓето кои живеат и умираат на улица и на оние на кои најмногу им недостасувала токму љубовта. Со својата непоколеблива вера во Бога и со својата упорност, таа брзо станува позната не само во Калкута и во цела Индија, туку и пошироко во светот. Во 1950 година со благослов на папата таа го формира својот сестрински ред Мисионерки на милосрдието, познати како Мисионерки на љубовта, а препознатливи по своето бело-сино сари.

Драги пријатели,
почитувачи на ликот и делото на Мајка Тереза,

Иако млада го напушта Скопје, својот роден град, Мајка Тереза никогаш нема да го заборави. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година Мајка Тереза упатува писмо до Индиската влада и до други држави, барајќи солидарна помош за своето родно место и за жителите на Скопје. Во 1970 година, по 42 години, за прв пат доаѓа во Скопје, а до крајот на својот живот ќе дојде уште трипати. Во 1980 година, при нејзината втора посета, градот Скопје ја прогласува за почесен граѓанин, признание за кое Мајка Тереза повеќепати ќе рече дека ѝ е едно од најдрагите, бидејќи, како што самата вели, да не било Скопје ќе ја немало неа. Исто така, за себе ќе рече дека е скопјанка која им припаѓа на сите.

Со својата цврста вера во Бога и љубовта до ближниот, Мајка Тереза секако е најголемиот хуманист на дваесеттиот век. Во 1979 година таа ја добива Нобеловата награда за мир.

Во своето обраќање, Мајка Тереза ќе рече „Мислам дека во нашето семејство нема потреба од бомби и оружје кое може да го уништи донесувањето на мирот. Сакајте се едни со други, донесете го тој мир, таа радост, таа сила да биде присутна во вашите домови. Постојат многу страдања, многу омраза и многу мизерии, но ние, со нашите молитви, со нашето жртвување, почнуваме од нашите домови. Љубовта почнува дома. А потоа ќе бидеме способни да го надминеме злото кое е присутно во овој свет“.

За жал и денес во светот има многу страдања, има многу омраза, односно недостасува љубовта за која зборуваше Мајка Тереза и на која ѝ го посвети целиот свој живот. И токму тие вредности, таа светилка на љубовта која ја запали Мајка Тереза треба и денес да ја негуваме и да ја споделуваме секојдневно. Имено, не e важно што добро си направил и колку си направил, туку дали тоа што го правиш го правиш со вистинска и искрена љубов.

Мајка Тереза беше и останува пример за несебична хуманост. Нејзината животна посветеност и грижата за сиромашните, болните, обесправените, ја става во редот на најголемите хуманисти во човековата историја. По веста за нејзината смрт на 5 септември 1997 година, папата Јован Павле Втори ќе рече: Мајка Тереза ја одбележа историјата на дваесеттиот век. Таа им служеше на сите луѓе, промовирајќи го нивното достоинство и почит и правеше оние кои ги соборил животот да ја почувствуваат милоста Господова.

Дами и господа,

Денес кога одбележуваме сто години од раѓањето на Мајка Тереза, добитник на Нобеловата награда за мир и која во 2003 година папата Јован Павле Втори ја прогласи за Блажена, верувам дека сите ние сме радосни што нејзиниот животен пат започнал тука во Скопје.

Убеден сум дека за сите нас, без разлика на нашата верска или национална припадност, Мајка Тереза и нејзината хуманост и посветеност ќе биде вистинската светилка која ќе нè води во животот.

Тоа ѝ го должиме на нашата сограѓанка Гонџа Агнеса Бојаџиу, тоа го должиме на хуманото наследство кое ни го остави Мајка Тереза. Верувам дека светилката на хуманоста која ја запали Мајка Тереза, верувам дека љубовта која така несебично ја делеше со оние на кои најмногу им недостасуваше, ја носиме сите ние. Тоа што е потребно, е секој од нас овие вредности да си ги побара кај себе и да ги сподели со сите луѓе.

Ви благодарам

Click