Собраниско раководство



Понеделник, 12 декември 2011 година

Протоколарна средба на претседателот Трајко Вељаноски со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, г. Томас Михаел Бајер

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски  денеска го прими новоименуваниот амбасадор на Република Австрија за Република Македонија, г. Томас Михаел Бајер.

Претседателот Вељаноски, посакувајќи му успешен мандат на амбасадорот Бајер истакна дека се надева дека и со овој амбасадор ќе продолжи успешната соработка меѓу амбасадата на Австрија и Собранието на Република Македонија.

На средбата се констатираше дека во изминатиот период се одвива плодна соработка на највисоко ниво меѓу двете земји, при што во насока на продлабочување на парламентарната соработка претседателот Вељаноски иницираше средба со претседателката на Австрискиот парламент, г-ѓа Барбара Прамер во текот на наредната година. Од своја страна амбасадорот Бајер, пренесувајќи ги поздравите од претседателката на Австрискиот парламент, г-ѓа Прамер, се заложи за што поскоро реализирање на средбата.

Амбасадорот  Бајер истакна дека мандатот во Република Македонија за него ќе биде одлична можност за запознавање со системот на уредување на државата и искажа заинтересираност за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и работењето на Комитетот за односи меѓу етничките заедници, понатаму сличностите и разликите на Уставот на двете земји, изборот на претседател на држава, функционирањето на парламентарната работа, како и за пресудата од Меѓународниот суд за правда во Хаг. Во поглед на пресудата претседателот Вељаноски истакна дека таа се разбира како констатирање на фактите и на она што навистина се случило.

Во однос на проширувањето на Европската унија, г. Бајер ги нагласи ставот на Австрија која е за проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан затоа што тоа ќе претставува придобивка и за регионот, но и за Европа во целина. Притоа, преговорите за членство во евроатлантските институции за Република Македонија треба да се одвиваат паралелно со преговорите за спорот со името кој државата го има со Грција.

Една од темите која беше отворена на средбата беше и продлабочувањето на економската соработка, која во моментов се одвива во позитивна насока. Во таа смисла беше споменат и Форумот во Виена, организиран од страна на Стопанската комора на Австрија, кој е показател дека Македонија создава позитивна клима за инвестиции, но и дека постојат позитивни сигнали и волја за инвестирање во Македонија од страна на австриски компании.

Во овој контекст од страна на претседателот Вељаноски беше потенцирано дека во земјава постојано се спроведуваат реформи без кои и без добра бизнис-клима не би било можно странското инвестирање.

Click