Собраниско раководство



Четврток, 29 септември 2011 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА, Г. РЕЏЕП ТАИП ЕРДОГАН

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски во рамките на официјалната посета на Република Македонија оствари средба со Претседателот на Владата на Република Турција, г.Реџеп Таип Ердоган.

На самиот почеток на средбата претседателот Вељаноски искажа задовоство од средбата и се осврна на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави. Во оваа смисла тој искажа благодарност за доследната и конструктивна поддршка на Турција и за солидарноста со Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, а особено за принципиелната употреба на уставното име на нашата земја во билатералните односи и на меѓународен план.

Претседателот Вељаноски искажа уверување дека интензивирањето на политичките односи со себе носи голема придобивка за граѓаните што се искажува преку проширувањето и на економската соработка. Тој истакна дека Турција спаѓа меѓу 10-те наши најзначајни трговски партнери со обем на трговска размена во 2010 од 310 милиони долари, при што се очекува до крајот на годинава размената да достигне 400 милиони долари. Претседателот Вељаноски  во ова насока изрази и големото задоволство од отворањето на новиот Скопски аеродром "Александар Велики", концесија на турската меѓународна компанија ТАВ, кој стана најмодерен на Балканот и е референца за идни турски проекти во Република Македонија.

Во продолжение претседателот Вељаноски се осврна на соработката во многу области, особено во областа на одбраната и логистичката поддршка од турска страна на планот на опремување, едукација и обука на АРМ со доделувањето значителни донации како и другите видови соработка во сегментите на безбедноста.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство од досегашната парламентарна соработка и воедно го покани претседателот на Големото Народно Собрание на Република Турција, г. Кемил Чичек да ја посети Македонија во текот на наредната година.

Во однос на евроатлантските интегративни процеси Вељаноски изрази благодарност за принципиелната, отворена и силна поддршка на Република Турција за интеграцијата на Република Македонија во НАТО, што практично посебно дојде до израз за време на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година. Тој изрази голема благодарност за принципиелните ставови на Република Турција во спорот со Грција во врска со уставното име на нашата земја и за нејзиното енергично противење на надворешни притисоци и условување Република Македонија да го смени своето уставно име.

Од друга страна претседателот Вељаноски ја реафирмираше нашата поддршка на заложбите на Република Турција за интеграција во ЕУ, а изрази благодарност за принципиелното залагање на Република Турција за одредување датум на Република Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Искажувајќи големо задоволство што се наоѓа во Македонија, во своето излагање Претседателот на Владата на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган се осврна на повеќе аспекти  на досегашната успешна соработка меѓу двете пријателски и братски земји, ставајќи притоа акцент на понатамошните инвестиции, економската соработка во целина и отстранувањето на бариерите за успешно водење на бизнисот. Тој најави понатамошна поддршка во областа на одбраната, безбедноста , логистичката поддршка и обуката на нашите безбедносни сили.

Во овој контекст, Претседателот на Владата на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган се осврна на последиците од светската економска криза и влијанието на кризата во регионот и соседството, притоа искажувајќи увереност дека показателите за економскиот раст се оптимистички.  

Во однос на евроатлантските интегративни процеси претседателот на турската влада, г. Ердоган изрази отворена и силна поддршка и охрабрување за понатамошната евроатланска  интеграцијата на Република Македонија, притоа потсетувајќи на долгите години чекање на Република Турција кои не смеат да ги поколебаат напорите за интеграција.

Click