Собраниско раководство



Четврток, 13 октомври 2011 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПАРЛАМЕНТАРНАТА ГРУПА НА НАРОДНОТО СОБРАНИЕ НА КУВАЈТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО СО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со Парламентарната група на Народното собрание на Кувајт за пријателство со Собранието на Република Македонија, во состав: г. Валид М. Ал-Табтабае, претседател на Групата и пратеник, г. Јаман Ал-Харбаш, пратеник и потпретседател на Групата, г. Мохамед Ал Мутаири, пратеник и член на Групата за пријателство.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, посакувајќи им добредојде на гостите истакна дека двете држави негуваат пријателски односи и соработка, дека постојат иницијативи за соработка во сите сфери. Претседателот Вељаноски нагласи дека двете држави треба да работат на поттикнување и отворање на можности за продлабочување на економската соработка, како и соработката на парламентарно ниво и на сите останати сфери од заемен интерес.

Гостите искажаа задоволство од срдечниот прием од страна на претседателот Вељаноски и нагласија дека Кувајт е подготвен и да инвестира во Република Македонија, особено во сферата на енергетика и патна инфраструктура. Особено значајно за Кувајт е либерализацијата на визниот режим за граѓаните и компаниите од Кувајт и отворање на дипломатско- конзуларни претставништва во двете земји, покрај наведеното, постојат одлични можности Кувајт да инвестира и во земјоделството и сточарството во Република Македонија. 

Гостите нагласија дека односите меѓу народите на двете земји постојат одамна, особено затоа што македонските градежни фирми ги изградиле најпознатите објекти во Кувајт -  висококатниците, зградата на министерствата и аеродромот, со што се олеснува патот и за македонските компании кои би го развивале бизнисот во Кувајт.

На крајот на средбата, г. Ал Табтабае му ја предаде поканата од претседателот на Народното собрание на Кувајт, г.  Аднан С.А. Самад до претседателот Вељаноски за официјална посета на Кувајт.

Click