Собраниско раководство



Среда, 12 октомври 2011, Будимпешта

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЦИОНАЛНОТО СОБРАНИЕ НА УНГАРИЈА, Г. ЛАСЛО КОВЕР

На средбата меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија г.Трајко Вељаноски и претседателот на Националното собрание на Унгарија, г.Ласло Ковер беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете пријателски земји. Соработката интензивно се одвива на сите нивоа, за што сведочат неодамнешните средби и посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Република Македонија. На парламентарно ниво соработката успешно се одвива на ниво на комисии, пратенички групи и на највисоко претседателско ниво, а се имплементира и Меморандумот за парламетарна соработка потпишан пред неколку години.

Квалитетот на односите меѓу двете земји е потврден и со многуте договори кои ги ратификуваа двете земји во сферите на економијата, патниот сообраќај, воздушниот сообраќај, заштита на инвестиции, наука, култура. Неодмна Собранието на Република Македонија го ратификуваше договорот за економска соработка кој го потпишаа премиерите на двете држави во мај годинава. 

Претседателот на Собранието Вељаноски го поздрави организирањето на петтата Конференција како одлична можност за размена на искуства за текот на евроинтеграциските процеси, но и продлабочувањето на постоечката соработка меѓу парламентите од Западен Балкан во сите сфери од заеднички интерес.

Од своја страна, Претседателот на Националното собрание на Унгарија, Ласло Ковер честиташе за постигнувањата во евроинтеграциите, особено во делот на постигнувањата во меѓуетничките односи, при што искажа јасно охрабрување за продолжување на ваквите успешни постигнувања. Притоа, тој ја повтори отворената поддршка која Република Унгарија и ја дава на Република Македонија, истовремено потенцирајќи дека Националното собрание на Унгарија ќе продолжи со поддршката на македонскиот паралемент.

Претседателот на Собранието Вељаноски се заблагодари на досегашната поддршка и на фактот што еден од приоритетите на Унгарското претседателство со ЕУ беше и проширувањето на Унијата со земјите од западен Балкан и во оваа насока истакна благодарноста за доследната и конструктивна поддршка на Унгарија кон Република Македонија за што поскоро отпочнување на претпристапните преговори. Вељаноски, исто така, ја поздрави  отворената и јасна поддршка на Република Унгарија на нашето интегрирање во НАТО и фактот што е иницијатор на неформалната група на земји пријатели на земјите од Западен Балкан кои претендираат да станат полноправни членки на НАТО.

Иако Република Македонија не е членка на НАТО заради добро познатиот наметнат спор со нашиот јужен сосед Грција, Република Македонија ги превзема сите обврски кои се однесуваат и на земјите-членки, нашите сили се рамо до рамо со оние на земјите-членки на НАТО, ги имплементиравме сите реформи во Армијата и сигурно чекориме по патот кон Алијансата.

На крајот од средбата претседателот Вељаноски се осврна на економската соработка која не е на задоволително ниво и која треба да се унапреди. Тој истакна дека инвестициите во телекомуникациите од страна на Унгарија беа одличен пример, но и поттик за други компании од Унгарија да инвестираат во Република Македонија.

Вељаноски информираше за овогодинешниот поволен економски раст при што нагласи дека Република Македонија постојано создава поволна клима за привлекување на странски инвестиции преку слободните економски зони, намалените даноци и значително намалување на бирократијата со цел привлекување на инвестиции од мултинационални компании. Тој во оваа смисла укажа дека унгарските компании може да инвестираат во Македонија во повеќе сектори, поврзани со автомобилска индустрија, информатичко-компјутерска технологија, земјоделство, преработка на храна, бизнис услуги, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика, обновливи извори на енергија, градежништво, недвижности, туризмот, итн.
Во насока на продолжување на досегашната соработка претседателот Вељаноски на својот колега му упати официјална покана за посета на Република Македонија, која со задоволство беше прифатена.

Click