Собраниско раководство



Четврток, 15 септември 2011 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со потпретседателот на Постојаниот Комитет на Народниот Конгрес на Народна Република Кина г. Санг Гуовеи

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски во рамките на официјалната посета на висока кинеска делегација од Народниот конгрес на Народна Република Кина на Република Македонија, оствари средба со потпретседателот на Постојаниот комитет на Народниот конгрес, г. Санг Гуовеи.

На средбата беа присутни и членови на Постојаниот комитет на Народниот Конгрес на Народна Република Кина: г. Сун Веншенг, г. Рен Маодонг, г. Џанг Баиџиа и г. Ли Џианг, а од македонската страна присуствуваа координаторите на пратеничките групи: г-ѓа Силвана Бонева, г. Талат Џафери, г. Игор Ивановски, г. Горан Мисовски, г. Рејхан Дурмиши и пратениците г. Антонио Милошоски, г. Александар Спасеновски, г. Гордан Георгиев и г. Менде Диневски.

На почетокот на средбата претседателот Вељаноски искажа благодарност за приемот и честа што на македонската делегација ѝ беа укажани во текот на минатогодишната посета на Народна Република Кина и задоволство од возвратна посета, како потврда за заемна подготвеност за унапредување на односите и интензивирање на дијалогот и соработката во сите области од заеднички интерес.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправност на двете земји и дека Република Македонија и нејзините граѓани особено го ценат принципиелниот став на Народна Република Кина во однос на признавањето на нашето уставно име и поддршката која ни ја дава. Тој воедно искажа увереност дека интензивирањето и унапредување на политичките односи со себе носи голема придобивка за граѓаните, а тоа е проширување и зајакнување на економската соработка и дека од македонска страна постои силен интерес за повисоки форми на економска соработка, трансфер на технологија и заеднички настап на трети пазари.

На средбата, претседателот Вељаноски се заблагодари за помошта и укажаната можност Република Македонија да земе учество на светската изложба Шангај ЕКСПО 2010 и пред целиот свет да се претстави со своето богато историско и културно наследство, но и со градење на урбано општество врз достигнувањата на полето на економијата, науката и технологијата.

Потпретседателот на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на Народна Република Кина, г. Санг Гуовеи, заблагодарувајќи се за можноста за посета на Република Македонија пренесе поздрав од претседателот на Народна Република Кина, г. Ху Џинтао и од претседателот на Постојаниот комитет на Народниот конгрес, г. Ву Бангуо.
Г. Гуовеи ја потенцираше важноста на минатогодишната посета на македонската делегација на Народна Република Кина, предводена од претседателот Вељаноски, во насока на зближување и унапредување на односот меѓу двата законодавни дома и изрази уверување дека и оваа посета ќе допринесе за континуитетот на добрите односи на двете земји, кои и досега имале нагорна линија.

Тој искажа задоволство од фактот што двете земји уживаат во искрено и отворено пријателство на своите народи, како и задоволство што двете земји се респектираат и си даваат поддршка за прашања од взаемен интерес. Во таа насока, истакна дека Народна Република Кина високо ја цени посветеноста и определбата на Република Македонија во однос на прашањето за една Кина.

Г. Гуовие посочи дека Народна Република Кина ја разбира потребата и желбата на Република Македонија да го користи сопственото уставно име и верува дека спорот со јужниот сосед, во однос на истото, може да се надмине само со конструктивен дијалог и дека Народна Република Кина го застапува мислењето дека сите земји, без оглед дали се големи или мали, богати или сиромашни, моќни или помалку моќни се еднакви пред меѓународните организации.

Во знак на взаемно пријателство и почитување, Народниот Конгрес на Народна Република Кина обезбеди донација за Собранието на Република Македонија.

За време на посетата на Република Македонија, Делегацијата на Народниот конгрес на Народна Република Кина ќе оствари средби и со претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов и со претседателот на Владата на Република Македонија г. Никола Груевски.

Click