Собраниско раководство



Понеделник, 19 септември 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со членот на Европскиот парламент и известувач за Република Македонија, г. Ричард Ховит

На почетокот на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, направи кратка ретроспектива на настаните и постигнувањата на Собранието на Република Македонија во изминатиот период. Тој најпрво ги истакна позитивните постигнувања на Собранието во изминатите две години кои му донесоа позитивна оценка на Собранието во Извештајот за напредокот на Република Македонија, а кои придонесоа и за вкупните позитивни оценки за Република Македонија.

Тој додаде дека сработеното е резултат на тимска работа, во која учествуваат потпретседателите, координаторите и сите пратеници, без оглед на партиската и етничката припадност. Во оваа смисла, тој истакна уверување дека и понатаму сите сплотени ќе работиме заедно на постигнувањето на стратешките цели и  дека во парламентот ќе се одвива продуктивен политички дијалог.

Тој се осврна и на тековните проекти со кои се зајакнува парламентарниот капацитет, а се реализираат со помош на странски пријатели донатори, како што се Вестминстерската фондација за демократија. Во оваа насока, тој ја потенцираше и зголемената улога која парламентите ја имаат со Лисабоскиот договор.

На крајот, претседателот Вељаноски се осврна на мошне успешно спроведените предвремени парламентарни избори, кои го потврдија демократскиот капацитет на Република Македонија, а на кои граѓаните одлучија кому му даваат доверба да ги води во наредниот четиригодишен период. Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, потенцираше дека сите реформи  во државата се прават првенствено за граѓаните, за нашиот економски напредок и подигнувањето на нашата конкурентност на европските пазари и пошироко.

Сумирајќи го искажаното и направеното во изминатиот период, претседателот Вељаноски изнесе уверување дека и годишниот Извештајот за нашиот напредок ќе биде позитивен и дека повторно ќе биде дадена препораката за почеток на преговорите. Во овој контекст, претседателот Вељаноски се заложи и истовремено истакна уверување дека извештаите на г. Ховит ќе бидат реални и со објективен преглед на стореното и постигнувањата на сите политички субјекти.

Членот на Европскиот парламент и известувач за Република Македонија, г. Ричард Ховит, се согласи со мислењето на претседателот Вељаноски дека економскиот напредок е круцијален и дека очекува раст на економски план со нашето придружување во европското семејство. 

Во продолжение, г. Ховит истакна задоволство што предвремените парламентарни избори поминаа одлично, дека е направен чекор напред и дека има соработка меѓу политичките чинители. Европратеникот Ховит потенцираше дека неговите оценки ќе се базираат на објективно и надпартиско следење на состојбите и дека ќе настојува да даде максимален придонес за подобрување на вкупните состојби во Република Македонија и задржување на темпото на европски напредок во однос на другите земји од регионот.

Во однос на спорот со Грција, од двете страни е искажано уверување дека ова прашање треба да биде надминато, при што претседателот на Собранието Вељаноски потенцираше дека е потребно да се вложат напори за подигање на довербата меѓу двете соседни држави.

Click