Собраниско раководство



Вторник, 18 октомври 2011 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со емирот на Државата Катар, неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со емирот на Државата Катар, неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин.

На самиот почеток на средбата, претседателот Вељаноски искажа уверување дека посетата значително ќе придонесе за натамошно унапредување на соработката со Државата Катар и размена на мислења по сите прашања од заеднички интерес на билатерален и мултилатерален план. Тој искажа задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира висок степен на пријателство и разбирање, при што нагласи дека постои голем потенцијал за натамошно унапредување во сите области од заеднички интерес, особено во економската сфера, со цел реализација на конкретни проекти за инвестирање во Република Македонија.

Претседателот Вељаноски нагласи дека Република Македонија високо ја цени проактивната и значајна улога на Катар во стабилизацијата на состојбата во регионот на Блискиот Исток и во светот, како и независната мирољубива надворешна политика која ја води. Тој ги оцени како особено важни нивните видувања околу состојбите во земјите од Северна Африка, Блискиот Исток, палестинското прашање и општите состојби во Египет, Либија, Јемен и Сирија.

Претседателот Вељаноски ја повтори благодарноста за доследната поддршка на Катар и нејзината солидарност кон Република Македонија, во однос на принципиелната употреба на уставното име на Република Македонија, на билатерален и меѓународен план.

Вељаноски, изрази задоволство што за време на оваа значајна посета се потпишаа повеќе билатерални договори од областа на инвестициите, културата, образованието, здравството, туризмот, размената на информации, регулирањето на вработувањето на работна сила во државата Катар, односите меѓу стопанските комори во двете земји. Сето ова, по негова оценка, ќе придонесе за заокружување на правната рамка и за понатамошното развивање на соработката во овие области.

Во оваа насока, од заеднички интерес е отворањето на амбасада на Катар во Скопје, што, покрај политичкото значење, ќе има и силно економско значење и обезбедувајќи висок степен на доверба и сигурност за катарските компании кои сакаат да работат во Република Македонија. Во оваа смисла е изразено задоволството што за време посетата се потпиша Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестициите, со што правната рамка во економската сфера ќе биде заокружена.

Исто така, се изрази задолоство и од постигнатото ниво на односи и соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, особено во рамките на Обединетите нации и во бројни меѓународни организации.

На крајот, претседателот Вељаноски го повика неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин да даде оценки за досегашна соработка, како и за најновиот развој на настаните во Северна Африка и Блискиот Исток.

Емирот на Државата Катар, неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин во своето излагање подетално се осврна на состојбите во Северна Африка, Блискиот Исток, палестинското прашање и конкретно во Египет, Сирија, Јемен и во Либија. На крајот тој се осврна на состојбите во Тунис, каде Државата Катар придвижила значајни инвестиции со цел стабилизација на оваа држава, и на крајот даде ретроспектива на состојбите и настаните кои се случуваа во Ирак.

Неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин ја истакна активната и значајна улога која државата Катар ја има во обезбедувањето на мирот и стабилизацијата на состојбата во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка, и во поддршката на напорите за демократизација на регионот.

Во однос на економската соработка со Република Македонија, реализацијата на заеднички проекти и инвестиции, неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин, исто така изрази задоволство што за време на неговата посета се потпишаа повеќе билатерални договори од повеќе области, при што потенцираше дека многу брзо треба да се очекуваат инвестиции и да се види дали темпото на соработка и инвестиции соодветствува на тоа што овие два дена се договара како идна економска соработка.

На крајот, неговото височество шеикот Хамад бин Калифа ал Танин искажа задоволство од посетата на Република Македонија, како земја која има богата историја, култура и фолклор.

Click