Активности



Понеделник, 17 јануари 2011 година

Педесет и шеста седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на 13 и 14 јануари 2011 година, ја одржа својата Педесет и шеста седница и нејзиното прво продолжение.

- Како матично работно тело, Комисијата во второ читање го разгледа Предлогот на закон за енергетика, по кој усвои 12 амандмани, не усвои 13, а 8 амандмани беа повлечени.

- На седницата, Комисијата претресе и два амандмани, поднесени од пратеникот Томе Чинговски, по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност. И двата амандмани не беа усвоени.

Комисијата со мнозинство гласови заклучи Предлогот на  закон за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Во второ читање, Комисијата ги разгледа: Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за правна заштита на услугите кои се засноваат на, или опфаќаат, условен пристап; Предлог-законот за стопанските комори и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија.

Претседателот на Комисијата, г. Љубисав Иванов Ѕинго, ги извести пратениците дека по овие три Предлог-закони, во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластените предлагачи.

Комисијата заклучи овие три Предлог-закони да ги проследи на натамошна постапка на Собранието на Република Македонија.

- Комисијата за економски прашања како матично работно тело на седницата одржана на 14 јануари 2011 година и Законодавно-правната комисија на седницата одржана истиот ден, разгледаа три амандмани поднесени по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за таксата за привремен престој, од кои еден беше усвоен, а два не беа усвоени. Исто така, разгледаа уште три амандмани поднесени по Предлогот на законот за изменување и дополнување на законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, од кои два беа усвоени, а еден не беше усвоен.

- На првото продолжение на 56. седница, како матично работно тело Комисијата во прво читање го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на производите.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Ваков.

Тој истакна дека со постоечкиот закон целосно се уредува начинот на пуштање во промет на непрехранбените производи, особено истиот целосно да биде усогласен со начелета на заштитата на јавниот интерес, животот и здравјето на луѓето, животните, природата и слично.

Со овие измени се предлага можноста економските субјекти да воведат едукација, односно запознавање на сите учесници на пуштање производи на пазарот да имаат можност да се запознаат и едуцираат доколку се стори прекршок од помал размер.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

-  На првото продолжение на 56. седница, Комисијата го разгледа уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за индустриската сопственост (прво читање).

Во образложението на Предлог-законот, д-р Методиј Хаџи-Ваков истакна дека се врши усогласување на делокругот на утврдување и регулирање на Предлог-законот, посебно во делот во однос на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи, односно на оние производи коишто согласно законот нивниот квалитет ќе треба да биде регулиран и целосно утврден.

Вториот дел на измените се однесува на подобрување на текстот на законот, посебно во делот на неговата имплементација, односно регулирањето на работата на инспекциските служби. Во овој дел, конкретно станува збор за утврдување на точните надлежности на инспекциските служби кога станува збор за потврда на правото на интелектуалната сопственост, со што би се отстраниле одредени недоречености коишто се јавуваат при вршењето на контрола.

Третиот дел се однесува на усогласување на Предлог-законот со мерките којшто се преземаат во однос на унапредување на казнената политика, односно станува збор за класификација на одредени прекршоци и намалување на глобите коишто се изрекуваат согласно прекршоците коишто произлегуваат согласно текстот на законот.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click