Активности



Вторник, 29 март 2011 година
 
Педесет и деветта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
 
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Педесет и деветтата седница одржана вчера, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за виното;
  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Перица Иваноски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за виното, тој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Посебно истакна дека Министерството, повикувајќи се на мерките за усогласување на казнената политика и подобрување на бизнис климата во Република Македонија, пристапи кон измена на постоечките одредби во законот за виното кои се во насока на корекција на висината на глобите и воведување на постапка за едукација.

Претставникот на Владата укажа на потребата од дорегулирање на одредени прашања со цел да се постигне посакуваниот ефект и да се остварат во целост целите на законот, кои особено се однесуваат на заштита на интересите на производителите на винското грозје и виното и потрошувачите на виното, подобрувањето на квалитетот на виното и другите производи на винско грозје и добро функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар на винското грозје и виното.

Поради потребата за органолептичко оценување на виното се воведува дегустациона комисија која ќе биде составена од пет члена и нивни заменици, а ќе биде именувана од министерот.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за виното учествуваa пратениците: г. Јован Гинев, г. Панче Дамески и г. Васко Шутаров.

На крајот Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за виното (прво читање), од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- По Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, г. Иваноски ја нагласи потребата за донесување на законот, целта што ќе се постигне, особено што се однесува на усогласување со Законот за инспекциски надзор, актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места и донесување на подзаконски акти, како и усогласување на казнената политика кај правните и физички лица и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Претставникот на Владата нагласи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја има опсервирано постојната состојба и на Владата и предлага во најкус можен рок да се екипира Државниот земјоделски инспекторат со единствена цел да се задоволат потребите кои произлегуваат од обврската на Министерството утврдено со позитивните законски прописи.

Во дискусијата по овој Предлог-закон учествуваа пратениците: г. Живко Пејковски и г. Панче Дамески.

На крајот Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство (прво читање), од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click