Активности



Вторник, 11 јануари 2011 година

Приоритетите на Унгарското претседателство се и македонски приоритети

Во Собранието на Република Македонија, денеска, на 65. седница на Комисијата за европски прашања, беше претставена Програмата и приоритетите за работата на Претседателството на Република Унгарија со Европската унија, за периодот јануари-јуни 2011 година, од амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е. Ференц Кекеши.

На средбата претседаваше претседателот на Комисијата за европски прашања,  г. Петар Поп Арсов, а воедно беа присутни и евроамбасадорот,  г. Ерван Фуере, вицепремиерот на Владата на Република Македонија, г. Васко Наумовски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шеќеринска-Јанковска, претседател на Комисијата за надворшна политика, г-ѓа Теута Арифи, претседателот на Мешовитиот парламентарен комитет, г. Александар Спасеновски, како и членови и претставници на истите, а исто така беа поканети и амбасадорот на Кралството Шпанија, г. Фернандо де Галаинена Родригез и амбасадорот на Кралството Белгија, г. Марк Микелсен.

На самиот почеток, евроамбасадорот Фуере истакна дека 2011-та е година на јубилеи, кога Македонија ќе одбележи годишнини од осамостојувањето, како и од Охридскиот рамковен договор, кој е столб на меѓуетничките односи и неговата целосна имплементација бара посветност од владата и секој член во општеството.

Евроамбасадорот, исто така, ја нагласи важноста од имплементација на веќе донесените и законите што ќе бидат усогласени со ЕУ-регулативата, како и на политичкиот и општествен консензус во однос на пописот, кој ќе се случи во април годинава, а за кој вели дека е тест за меѓуетничките односи и тест за доверба кон институциите во државата.

„Унгарија ќе ги поддржи напорите на Владата на Република Македонија да се приклучи кон Унијата во согласност со заклучоците на Европскиот совет. Во тој контекст, Унгарија е подготвена да помогне во преговорите и активно да се вклучи ако тоа е побарано од сите страни. Ние ги поддржуваме преговорите посредувани од страна на ОН“ - изјави амбасадорот Кекеши.

Унгарското претседателство на Советот на Европската унија ќе ја гради својата политичка агенда околу човечкиот фактор, притоа фокусирајќи се на 4 столба:

  1. Раст и вработување за зачувување на европскиот социјален модел;
  2. Посилна Европа;
  3. Унија пријател на граѓаните;
  4. Проширување и добрососедска политика.

Вицепремиерот Наумовски изрази надеж дека за Република Македонија ќе биде определен датум за преговори за време на Унгарското претседателство и воедно дека „прашањето кое се поставува оваа година не е дали државите-кандидати за членство треба да бидат членки на ЕУ, туку како тие побрзо да станат дел од неа“.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов, ги поздрави приоритетите на Унгарското претседателство, истакнувајќи дека тие се и приоритети за Република Македонија. Првите три приоритети се значајни бидејќи Република Македонија е земја-кандидат за ЕУ, но четвртиот приоритет - проширувањето и добрососедската политика, е директно значаен за Република Македонија.

„Клучниот приоритет за Република Македонија е непопречуваниот ЕУ интегративен процес“ – истакна г. Поп Арсов.

На средбата, свое излагање имаа и претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шеќеринска-Јанковска, претседателот на Комисијата за надворешна политика, г-ѓа Теута Арифи, претседателот на Мешовитиот парламентарен комитет, г. Александар Спасеновски, пратениците г. Игор Ивановски, г-ѓа Флора Кадриу, г. Тито Петковски и г. Павле Трајанов, како и г. Александар Кржаловски, претставник на Националниот совет за евроинтеграции.

На крајот од средбата, претседателот Поп Арсов изрази надеж дека Република Македонија и Унгарија ќе имаат плодна соработка на парламентарно ниво, како што беше пример и со претходните претседателства, и воедно му се заблагодари на евроамбасадорот Фуере за севкупниот ангажман за сите овие години, како со Комисијата за европски прашања, така и со Собранието на Република Македонија.

Click