Активности



Петок, 25 март 2011 година

Интензивирање на билатералната соработка е од заеднички интерес за Македонија и Молдавија

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, во протоколарна посета денеска го прими Н.Е. Александру Пригорски, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Молдавија за Република Македонија, со седиште во Софија, кој дојде во Република Македонија по повод предавањето на акредитивните писма.

Во своето воведно обраќање, потпретседателот Јакимовска, на гостинот му посака топло добрeдојде во Собранието на Република Македонија, во свое лично име, како и во име на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.

Воедно, таа му упати честитки по повод назначувањето за нов вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Молдавија во Република Македонија, со седиште во Софија, и истакна дека неговото назначување за амбасадор ќе придонесе за засилување на динамиката на пријателските односи на Република Македонија со Република Молдавија, во интерес на двете држави.

За Република Македонија, покрај стратешките определби и приоритети во однос на ЕУ и НАТО, од силен интерес е и интензивирањето и унапредување на соработката и со земјите од овој регион на Европа, кои иако не се членки на Европската унија и на НАТО, можат многу да придонесат во севкупниот политички амбиент во Европа и пошироко, посочи потпретседателот.

Потребно е да се изнајдат најприфатливи форми за интензивирање на билатералната соработка во сите области од заеднички интерес, а особено да се размисли за можната економска соработка и трговската размена помеѓу двете држави и искористување на нивните потенцијали.

Од наша страна, истакна г-ѓа Јакимовска, постои интерес за унапредување на соработката на мултилатерален план. Република Македонија и Република Молдавија можат заемно да се поддржуваат во рамките на различни органи и тела од системот на ОН и останатите меѓународни организации и форуми.

Потпретседателот Јакимовска го запозна амбасадорот Пригорски со работата на Собранието на Република Македонија и истакна дека е институција која има централна улога во унапредување на демократските процеси во земјата, преку зајакнување на политичкиот дијалог, развивање на парламентарна демократија и ефикасна законодавна и контролна улога. Собранието се залага да се обезбеди конструктивен дијалог меѓу политичките фактори, односно меѓу позицијата и опозицијата заради одржливо спроведување на клучните реформи во државата, особено кога станува збор за хармонизација со европското законодавство.

Исто така, во Собранието денес целокупниот законодавен процес, од влегувањето на законот во собраниската процедура, преку поднесувањето на амандмани, па сè до неговото усвојување и објавување, се одвива по електронски пат, односно го воведовме таканаречениот систем на Е-Парламент, со кој е направен квалитативен исчекор во насока на натамошно зголемување на транспарентноста.

На крајот, г-ѓа Јакимовска се осврна и на парламентарната соработка меѓу Република Македонија и Република Молдавија и истакна дека освен неформалните контакти остварени во рамките на мултилатералните состаноци, меѓу двата парламента не постои дополнителна соработка. Токму затоа се надева дека амбасадорот ќе се заложи за воспоставување на соработка и контакти меѓу парламентите на двете држави, за што има целосна поддршка.

Неговата екселенција, г. Александру Пригорски, истакна дека треба да се воспостават средби на високо ниво помеѓу претседателите и премиерите на двете држави. Тој, исто така, посочи дека оваа година во Република Македонија ќе ја претстават Република Молдавија, затоа што, според него, двете држави имаат многу малку сознанија една за друга. Република Молдавија ќе биде претставена пред бизнис-заедницата на Република Македонија и ќе се отвори конзулат на Молдавија во Република Македонија.

Што се однесува до економската размена помеѓу двете држави, таа треба да се интензивира, затоа што е минимална и изнесува само еден милион долари.

Исто така, Н.Е. Александру Пригорски истакна дека ќе се заложи да се формира група на пријателство помеѓу Република Молдавија и Република Македонија.

Click