Активности



Петок, 25 март 2011 година

Турција и понатаму останува силен поддржувач на Македонија за членство во ЕУ и НАТО

Претседателот на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов, денеска оствари средба со министерот за европски прашања и главен преговарач на Република Турција, г. Егемен Багиш.

Во состав на турската делегацијата беа и Н.Е. Гурол Сокменсуер, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Турција во Република Македонија и г. Халук Иличак, амбасадор, генерален секретар за прашања на ЕУ.

На средбата, покрај претседателот, г. Петар Поп-Арсов, присуствуваа и членовите на Комисијата за европски прашања: г-ѓа Силвана Бонева, г-ца Христина Рунчева, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Миле Пачемски, г. Панче Дамески, г. Андреј Жерновски и заменик -членот г. Васко Шутаров.

На почетокот од средбата, г. Петар Поп-Арсов ги запозна гостите со надлежностите и ингеренциите на Комисијата за европски прашања.

Воедно, тој посочи дека оваа средба е продолжување на интензивната соработка што двете држави ја имаат на парламентарно ниво, заблагодарувајќи се за несебичната поддршка што Република Турција ѝ ја дава на Република Македонија во евроинтергративниот процес, признавање на независноста и суверенитетот на Република Македонија и инсистирање на употреба на нејзиното уставното име во сите меѓународни документи.

Република Македонија останува посветена на евроинтеграциите, за кои владее силен консензус помеѓу сите политички партии и граѓаните на Република Македонија, работи на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, фокусирајќи се на две точки: спроведувањето на реформскиот процес и изнаоѓање на заемно прифатливо решение во спорот за името со Грција – истакна претседателот г. Петар Поп-Арсов.

Министерот за европски прашања и главен преговарач на Република Турција, г. Егемен Багиш, истакна дека е задоволство да се биде присутен во колевката на демократијата, каде што е преставена волјата на народот – Парламентот, и дека Република Турција и понатаму ќе продолжи да биде на страната на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО интеграцијата.

Република Македонија да продолжи со имплементација на реформите, јакнење на економијата, носење на закони со цел привлекување на што повеќе странски инвестиции, јакнење на трговската размена, важно е Република Македонија да биде подготвена за влез во ЕУ – посочи министерот Багиш.

Присутните ја истакнаа историската поврзаност помеѓу двете држави, како во минатото и сегашноста, така и во иднината, со надеж да станат земји-членки во ЕУ и НАТО семејството, на кое природно му припаѓаат. 

Click