ЕУ вести



Понеделник, 14 ноември 2011 година

Пленарна седница на Европскиот парламент

Европскиот парламент од денеска до 17 ноември одржува пленарна седница во Стразбур, на која, меѓу другото, ќе се разгледа работната програма на Европската комисија за следната година.

Седницата ја отвори претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек, притоа изразуваји сочувство за жртвите од последниот земјотрес во Турција и поплавите во Италија и Франција. Тој зборуваше за политичката ситуација во Западен Балкан и Северна Африка, за човековите права, како и за економското управување.

На првиот ден од седницата, стана збор за тоа како и да им се овозможи на лекарите, инженерите, забарите и други специјалисти полесно да работат во други држави во рамките на Европската унија.

Исто така се расправаше за пречките во железничкиот сообраќај во ЕУ и потребата од влез на нови оператори на овој пазар, кои ќе понудат повеќе и подобри услуги.

Во текот на утрешниот ден, европратениците ќе одржат дебата за улогата на ЕУ во закрепнувањето на економското управување, како и упростување на кохезионата и земјоделската политика на ЕУ.

В среда на дневен ред ќе се најде дискриминацијата и нарушувањето на човековите права на Ромите, а ќе се расправа и за климатските промени во пресрет на Самитот на ООН за климата во Дурбан, Јужна Африка.

Истиот ден, на свечена церемонија, првиот европарламентарец, г. Јержи Бузек, ќе ја додели филмската награда „Лукс“.

На последниот ден од пленарната седница, членовите на Европскиот парламент ќе дискутираат за борбата против нелегалниот риболов на глобално ниво, за интернетот во Европа, како и за Самитот ЕУ-САД, кој ќе се одржи на 28 ноември во Вашингтон.


 

Click