ЕУ вести



Среда, 12 октомври 2011 година

Третпат потврдена препораката за пристапни преговори на Македонија со ЕУ

Европската комисија, денеска во Брисел, презентирајќи го својот годишен Извештај за напредокот на Република Македонија во 2011 година, по третпат ја потврди препораката за старт на пристапните преговори на Македонија со Европската унија, но укажа и на спорот за името, чие решавање е клучно за нивно отпочнување.

Пакетот документи со стратегијата за проширување, заедно со Извештаите за напредокот на земјите-кандидати за членство во ЕУ и аспиранти за членство во Брисел, ги презентираше еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе.

„Остануваме на нашата препорака за почнување на пристапните преговори. Перспективите за интеграција во Европската унија се водилка за продолжување на реформскиот процес. Сепак, со продолжување на спорот за името, мотивираноста за реформи е намалена. Постигнат е мал прогрес во текот на изминатава година. Суштествените предизвици остануваат - независноста на судството, реформите во јавната администрација и борбата против корупцијата. Слободата на изразување и натаму останува сериозен предизвик. Затоа клучно е да се постигне прогрес за прашањето за името. Решавањето премногу се одолжува. Отворањето на пристапните преговори ќе биде корисно не само за земјата и за регионот, туку и за Европската унија како целина. Не смее да биде загубена уште една година“, истакна еврокомесарот Филе.

Дијалогот меѓу власта и опозицијата мора да се зајакне во насока на осигурување на непречено функционирање на институциите и да му се овозможи на Парламентот да ја одигра својата целосна улога, се вели во Извештајот на ЕК.

Воедно, покрај Извештајот за напредокот на Република Македонија, денеска се објавени и Извештаите за останатите земји од Западен Балкан и Турција.

Во однос на другите земји опфатени со процесот на проширување, Европската комисија предложи прием на Хрватска во ЕУ, почеток на преговори со Црна Гора, а на Србија да и се додели статус на кандидат.

Исланд, постигна напредок во преговорите, додека Турција има динамична економија и Европската комисија е убедена дека процесот на проширување е најсоодветниот инструмент за соработка, но за жал, процесот на преговори не напреднат. Комисијата предлага програма со која ќе се даде поттик на процесот на соработка и на реформите, при што комесарот изрази загриженост поради затегнатоста на односите меѓу Кипар и Турција.

За Албанија, се посочува дека е потребен напредок и дијалог меѓу политичките актери, додека во однос на Босна и Херцеговина е потребно деблокирање на институционалната криза. Забележан е и ограничен напредок во Косово.

Комесарот за проширување пред европратениците информираше  дека во иднина во процесот на проширување ќе се има нов пристап, со поголема будност во мониторингот во неколку значајни области.

„Ние предлагаме нов пристап во однос на правосудството, фундаменталните права и правда и внатрешните работи, поглавја кои ќе бидат отворени многу порано во процесот на проширување, отколку што тоа беше случај досега, а ќе бидат последни затворени“, додаде еврокомесарот Филе. 

Click