Активности



Среда, 13 јули 2011 година, Брисел

Парламентарен семинар на тема: „Транспорт и инфраструктура во регионален контекст"

Во организација на Европскиот парламент, на 12 и 13 јули 2011 година, во Брисел, Кралството Белгија, се одржа Парламентарен семинар на тема: „Транспорт и инфраструктура во регионален контекст". На семинарот учествуваа Делегации од Парламентите на земјите од Западен Балкан, пратениците од Европскиот парламент: Виктор Боштинару (Романија), Мајкл Крамер (Германија) и Тања Фајон (Словенија), како и претставници на Европската комисија и други европски институции и агенции. На семинарот, од Собранието на Република Македонија, учествуваа пратениците: Илија Димовски, Панче Орцев, Хајрула Мисини и Имер Алиу.

Семинарот беше посветен на прашањата поврзани со транспортната политика во меѓународен контекст, активностите на Европскиот парламент во однос на транспортот и инфраструктурата, напредокот во однос на предложениот Договор за транспортната заедница со Западен Балкан, аспектите на транспортот и инфраструктурата на Европската унија во Дунавскиот регион и територијалната соработка.

Во делот предвиден за кратки презентации, на секоја од Делегациите ѝ беше дадена можност да даде осврт на сопствените искуства за транспортните и инфраструктурните врски меѓу земјите од Западен Балкан и со Европската унија, во контекст на тековните проекти во транспорот и инфраструктурата во секоја од државите.

Во име на Собранието на Република Македонија и на неговата Делегација, свое излагање имаше г. Илија Димовски. Притоа, тој изрази задоволство што има можност да дискутира на ваква значајна тема, како за Република Македонија, така и за сите земји од Западниот Балкан и за Европската унија, област за која Европската комисија во својот последен извештај минатата година, забележа добар напредок кај Република Македонија.

Во таа насока, г. Димовски ги изложи приоритетите на Владата на Република Македонија, изготвени во координација со Европската комисија во однос на транспортната инфраструктура, како завршувањето на автопатот на Коридорот 10 до крајот на 2015 година, осовременување на железничката инфраструктура долж Коридорот 8 до 2013 и Коридорот 10 до 2015 година и осовременувањето на железничката станица во Скопје според најсовремените европски стандарди.

Како дел од регионалната соработка, тој го поздрави Проектот Карго 10, на кој се приклучи и Република Македонија, како успешна иницијатива за транспортна политика на земјите од регионот, со која се очекува намалување на трошоците и времето за превоз на стоки и услуги.

Господин Димовски ја истакна проактивната улога на Република Македонија во доменот на трансевропските мрежи, преку активно учество во регионалните и европските иницијативи, како ISIS програмата за спроведување на Регултивата за единствено европско небо со земјите од Југоисточна Европа, иницијативата за поскоро потпишување на Договорот за транспортната заедница и соработката во рамките на Транспортната обсерваторија на ЈИЕ (CEETO).

Click