Активности



Понеделник, 5 септември 2011 година

Европратеникот Ричард Хуит најави конструктивност во известувањата за Македонија

Членот на Европскиот парламент и известувач за Република Македонија, г. Ричард Хуит, во посета на Собранието на Република Македонија, оствари одделни средби со претседателот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, г. Кенан Хасипи; претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска и со претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини.

Посетата на европратеникот Хуит доаѓа во период кога Република Македонија одбележува 20 години независност и 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковниот договор, а се очекува и нов извештај од Европската комисија за напредокот на земјата.

Македонските пратеници дадоа свои видувања за состојбата во земјата и беа единствени во изјавата дека евроинтегративниот процес, односно добивањето на датум за започнување на преговори за членство во Европската унија, е главен приоритет на Република Македонија. 

Претседателот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, г. Кенан Хасипи, истакна дека укажувањата во извештаите на Европската комисија се многу битни и се патоказ за Република Македонија во евроинтегративниот процес. Тој даде уверувања до својот гостин дека Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија ќе продолжи со својата работа, која ќе биде надградена и збогатена, со цел Собранието да даде севкупен придонес кон евроинтеграцијата на земјата.

Во разговорот со европратеникот Хуит, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, меѓу другото, се осврна на состојбата со медиумите во нашата земја. Таа од една страна побара силна поддршка од Европскиот парламент за евроинтеграција на Република Македонија, но од друга страна, истакна дека потребно е да се даде и чиста, јасна слика за вистинската состојба на случувањата во нашата земја.

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини, го истакна проблемот со името со Грција, како единствена пречка Македонија да стане дел од европското семејство. Нашата земја добива препораки за влез во ЕУ, но сè уште нема датум за старт на преговорите. Затоа, тој побара од известувачот Хуит да оствари разговори со своите пријатели во Грција околу ова прашање.

Долгогодишниот член на Европарламентот, г. Ричард Хуит, вети дека како известувач за Република Македонија, ќе ги пренесува мислењата на сите политички партии, ќе биде конструктивен во своите известувања, а сите критики ќе бидат добронамерни и пријателски.

Тој истакна дека прв приоритет на земјата треба да биде изнаоѓањето начин за почеток на преговорите. Сите граѓани на оваа земја треба да бидат свесни за бенефициите кои се добиваат со членство во Европската унија.

Европратеникот Хуит најави дека повторно ќе дојде во посета за две седмици, кога ќе ја претстави својата програма како известувач за Република Македонија во Европскиот парламент.  

Click