Активности



Петок, 1 јули 2011 година

Полска нов претседавач со ЕУ

Eвропските интеграции како извор на развој, создавање на безбедна и отворена Европа, со силна поддршка на проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан, се дел од приоритетите што си ги постави Полска за своето претседавање со ЕУ.

Полска го презеде од Унгарија шестмесечното ротационо претседателство, на чие чело ќе биде од 1 јули до 31 декември 2011 година. Воедно ова е прв мандат на Полска на чело на ЕУ, на која ѝ се приклучи во 2004 година.

Полското претседателство ќе биде сконцентрирано на земјоделската политика, енергетската безбедност, новиот европски буџет за периодот 2014-2020 година, јакнењето на политиките за европско соседство, довршувањето на реформите на единствениот пазар, посебно на полето на услугите и интернет трговијата.

Во однос на проширувањето, Полска има намера да постигне чекор напред, важна цел ќе бидат финализирање на пристапните преговори со Хрватска и потпишување на договор за пристапување во ЕУ, почеток на преговорите за членство на Србија во Унијата и довршувањето на договорот за слободна трговија со Украина.

Исто така, ќе се искористат сите околности за поддршка за продолжување на преговорите со Турција, да се обезбеди значителен напредок во пристапните преговори со Исланд како и поддршка на европските аспирации на земјите од Западен Балкан.

Претседателството ќе биде фокусирано на три прашања од клучно значење:

  • управување со работата на Советот на ЕУ и неговите помошни тела (работни групи и комисии), како и на Европскиот совет;
  • претставување на Советот на ЕУ и неговата соработка со другите институции на ЕУ;
  • претставување на ЕУ во меѓународните односи, со трети земји и меѓународни организации.

Ротирачкото претседателство, според Лисабонскиот договор, во најголема мерка е церемонијална функција и државата која претседава, главно е задолжена за создавање рамка за европската агенда и претседавање со состаноците на Советот на министри на ЕУ.

Click