Активности



Понеделник, 18 јули 2011 година

Прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Првата седница, одржана на 14 јули 2011 година, како матично работно тело  ги разгледа:

  1. Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2010 година;
  2. Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2010 година.

- Воведно образложение по Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2010 година, даде претседателот на Комисијата,  г-ѓа Марина Наќева-Кавракова.

Таа истакна дека најголем успех во работата на Комисијата во 2010 година е нејзиното членство на листата А на мултилатералниот Меморандум за разбирање на Меѓународната организација на Комисии за хартии од вредност- IOSCO.

Со донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност и воведување на одредбата со која Комисијата во постапката на контрола и надзор има законско право за увид во банкарските сметки во врска со трговските преноси на хартии од вредност, беше исполнет условот за пристап во оваа меѓународна организација.

Комисијата за хартии од вредност, во 2010 година во своето работење беше фокусирана на хармонизација на законската регулатива со правниот поредок на Европската унија, супервизијата на пазарот на капитал и меѓународната соработка.

Во однос на хармонизацијата на законската регулатива со законодавството на Европската унија, донесени се измени и дополнувања на Законот за хартии од вредност и Законот за инвестициски фондови, со што се заокружува процесот на усогласување. Во оваа насока Комисијата има донесено 28 подзаконски акти и тоа 11 правилници кои произлегуваат од Законот за хартии од вредност и 17 правилници од Законот за инвестициски фондови.

Согласно законската регулатива, Комисијата за хартии од вредност е прекршочен орган овластен да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочни санкции.

Во 2010 година по спроведена прекршочна постапка преку Комисијата за одлучување по прекршоци, Комисијата има донесено 38 решенија, од кои 16 се правосилни и извршни, а против 11 решенија е поведен управен спор. Донесените решенија се однесуваат на правни лица- акционерски друштва со посебни обврски за известување поради непочитување на одредбите од Законот за хартии од вредност кои се однесуваат на доставување и објавување на информации и податоци од нивното деловно работење.

Во однос на супервизијата на пазарот на хартии од вредност, Комисијата активно ја врши својата контролна функција, со цел заштита на инвеститорите и враќање на довербата во пазарот на капитал. Во  2010 година поднесени се вкупно 41 барање за заштита на акционерските права и по сите барања е постапено и одлучено.

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Миле Андонов, Стојко Пауновски, Владанка Авировиќ, Борислав Стојменов и Лилјана Кузмановска.

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2010 година. 
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.

- Во однос на Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2010 година, воведно образложение даде претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, г-ѓа Маја Малахова.

Таа истакна дека 2009 година за Комисијата претставува прва и референтна година и затоа Извештајот за работата на Комисијата за 2009 година не содржи компаративни податоци. За разлика од него, Извештајот за работата на Комисијата за 2010 година е пообемен и содржи повеќе податоци. Извештајот за работата на Комисијата за 2011 година, исто така, ќе се дополни со нови податоци, од причина што во почетокот на 2011 година, Државната комисија за жалби по јавни набавки во своето работење воведе ново софтверско решение, со чија помош ќе се дојде до некои податоци кои не се содржани во Извештајот за 2010 година.

Овие податоци се однесуваат на точно определување на постапки кога се враќаат на повторно одлучување и разграничувањето на бројот на електронските јавни набавки и бројот на електронските аукции.

Во 2010 година Државната комисија ја продолжи соработката со SIGMA-како нејзин корисник на техничка помош, којашто соработка многу придонесе за успешно работење на Комисијата.

Во делот на антикорупциските активности, во целост се спроведени планираните активности за 2010 година, а кои се однесуваат на брзо и ефикасно постапување по жалбите со скратување на роковите, како и секојдневно објавување на жалбите кои пристигнуваат во  Државната комисија за жалби по јавни набавки и објавување на донесените решенија на Веб страната на Комисијата.

Претседателот на Државната комисија нагласи дека Комисијата не располага со доволен број на потребен кадар за извршување на своите активности. Буџетот на Комисијата за 2010 година изнесува 11.947.000 денари, што е недоволен  и не овозможува кадровско екипирање и потребна едукација на членовите и стручните служби во Комисијата.

Во текот на 2010 година, до Државната комисија за жалби по јавни набавки се  пристигнати 868 предмети, од кои 48 се пренесени од 2009 година. Од нив, 820 предмети се решени во 2010 година, а 48 предмети се пренесени за 2011 година поради некомплетна документација.

Претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, исто така, информираше дека освен по жалби, Комисијата одлучува и по барањата за продолжување на постапка. Таа нагласи дека во текот на 2010 година до Државната комисија доставени се 17 барања за продолжување на постапката од кои не е уважено ниту едно.

Комисијата одлучува и по барањата за поништување на постапката. Во 2010 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки доставени се девет вакви барања, од кои седум се уважени , а две се одбиени.

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Миле Андонов, Лилјана Кузмановска, Драган Цуклев, Владанка Авировиќ и Стојко Пауновски.

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниов Заклучок:

  • Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија го разгледа Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2010 година.
Click