Активности



Среда, 6 јули 2011 година

Претседателот Вељаноски го отвори 50. Балкански фестивал на народни песни и игри

Почитуван заменик-министер за култура,
Eкселенции,
Почитувани учесници на фестивалот,
Претставници на медиумите,
Дами и господа,

Навистина ми претставува големо задоволство вечерва сите заедно да го одбележиме почетокот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Тоа задоволство е уште поголемо бидејќи годинешниов фестивал е јубилеен, педесетти по ред, за што сакам на самиот почеток да изразам признание на организаторот - Националната институција Центар за култура „Григор Прличев“ и секако на Министерството за култура при Владата на Република Македонија, со чија материјална помош се одржува овој фестивал. Денеска Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на меѓународните фестивалски организации, со што на своевиден начин претставува промотор на македонскиот фолклор и песна, како дел од нашиот национален идентитет.

Почитувани пријатели,

Годинава се поклопуваат повеќе јубилејни настани, педесет години од Балканскиот фестивал на народни песни и игри, педесет години од Струшките вечери на поезијата и, секако, дваесет години од самостојноста и независноста на Република Македонија, настан со кој се остварија копнежите, стремежите и вековниот сон на македонскиот народ за самостојна,  независна и демократска држава на македонскиот народ и на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија. А, токму во македонскиот фолклор, во македонската народна песна, многу често се изразува тој копнеж и тој сон за сопствена држава.

Сите овие јубилејни настани кои ги споменав, во себе носат уште неколку многу значајни димензии. Прво, на своевиден начин го одбележуваат големото културно и духовно богатство на македонскиот народ, како и фактот дека отсекогаш сме знаеле тоа наше културно богатство да го зачуваме, да го пренесуваме на генерациите, да го развиваме и врз него да го градиме и развиваме нашиот национален идентитет. Во исто време, секогаш сме ја покажувале нашата отвореност, нашето почитување на културата на другите народи, сфатена во најширока смисла, и со нив да ги споделуваме овие вредности, без разлика дали станува збор за фолклор, песна, поезија, уметност и така натаму. Сето ова денеска со право не потврдува како дел од европската култура, како дел од целокупното цивилизациско и културно наследство.

Дами и господа,

Убеден сум дека и овој педесетти по ред Балкански фестивал на народни песни и игри, ќе помине како и сите претходни, во духот на она задоволство, а јас би рекол и убавина, која ја носи народната песна и фолклорот, без разлика од каде доаѓа. Верувам дека сите учесници, овде во Охрид, градот кој со своето културно и духовно наследство, како и со своите актуелни културни манифестации, одамна ги надмина границите на Република Македонија и регионот, ќе се чувствуваат како дома, а ние како домаќини во целост ќе го манифестираме нашето традиционално гостопримство. И верувам дека сите учесници кога ќе се вратат дома, со себе, во своите сеќавања, засекогаш ќе однесат дел од убавините на охридскиот брег, од македонското културно и духовно наследство.

Дозволете, на крајот, педесеттиот јубилеен Балкански фестивал на народни песни и игри, да го прогласам за отворен.

Благодарам.

Click